Според црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, на Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид, Европа видела еден поинаков Западен Балкан, кој отворено разговара за својата иднина и додаде дека иницијативата откри рецепт за иднината и дека може да стане мост на мирот меѓу Истокот и Западот
На Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид се случи пресврт на кој регионот треба да биде горд, а Европа виде еден поинаков Западен Балкан, кој отворено разговара за својата иднина, смета црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ по Самитот на Иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид, на кој присуствуваше и самиот Абазовиќ.
„Наместо за тоа кој прв започна војна, се разговараше за туризам, слободна трговија, енергија, земјоделство, економска и здравствена криза, како и за инфраструктура“,
изјави Абазовиќ во интервју за „Политика“.
Според него, Црна Гора е подготвена да придонесе за единство и заедништво на Западен Балкан, затоа што, за неговата земја, како што рече, патот кон ЕУ нема алтернатива.
Тој додаде дека „Отворен Балкан“ откри рецепт за иднината додавајќи дека иницијативата може да стане мост на мирот меѓу Истокот и Западот.
Според Абазовиќ, кога отворено се разговара за иднината на Западен Балкан, на сосема друг начин од оној што беше вообичаен, без насочување кон темите што предизвикуваат конфликти, тогаш на светот му праќаме сосема поинаква порака.
„Европа во Охрид виде еден поинаков Западен Балкан, кој отворено разговара за својата иднина, решен со заеднички сили да ја надмине економската криза“,
додаде премиерот.
Тој наведе и дека на Самитот во Охрид гледал и како шанса за зајакнување на добрососедските односи, нешто со што претходно земјите од Западен Балкан не можеа да се пофалат.
„Мислам дека ова е првпат лидерите од Западен Балкан да се соберат и да разговараат за реалните потреби на своите граѓани, опасностите што се закануваат поради најавената криза и недостигот од основни животни продукти и енергенти на пазарот, со цел со заеднички сили да се предупредат сите негативни ефекти што руската инвазија ќе ги остави во Европа“,
подвлече Абазовиќ.
Самитот на Иницијативата „Отворен Балкан“ се одвиваше на 7 и 8 јуни во Охрид, а на него освен премиерот Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, присуствуваше и црногорскиот премиер Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.
Пред одржување на дводневниот Самит во Охрид, Абазовиќ кажа дека на Самитот,црногорските претставници ќе присуствуваат како набљудувачи и нагласи дека целта на Црна Гора е членство во Европската Унија и дека не е заинтересирана за никаква замена.