Поздравно обраќање на конференцијата имаше и претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, која порача дека од приоритетно значење за советот е да се има квалитетни судии кои ќе бидат посветени на професијата и навремено ќе се справуваат со предметите и затоа, тврди таа, се стремат кон квалитетни критериуми за избор на судии
Во решенијата на Судскиот совет за назначување и разрешување судии, недостигаат образложенија на членовите за нивните одлуки да гласаат „за“ или „против“. Ова е клучниот проблематичен аспект кој го детектираше Коалицијата „Сите за правично судење“ во рамки на проектот „Мониторинг и подобрување на капацитетот на институциите во справување со организиран криминал и корупција“ во кој изминатата година ја мониторираше работата на Судскиот совет и имплементацијата на мерит-системот – системот на заслуги за назначување на судии.

„Како резултат на овој проект ја издадовме анализата што денес ќе биде промовирана, а која упатува на работата на Судскиот совет односно на неколку точки кои се затекнати како проблематични односно недоволното ниво на целосна транспарентност во работењето на Судскиот совет иако за разлика од Советот на јавни обвинители овој совет е далеку потранспарентен. Меѓутоа, отсуството на образложенија во решенијата со кои се назначуваат односно разрешуваат судиите е она што е клучно и што недостасува како би можело да се направи добра проценка на аргументацијата и дали навистина е имплементиран овој систем на заслуги во назначувањето и изборот на судиите“,
изјави извршната директорка на Коалицијата, Натали Петровска, пред почетокот на завршната конференција во рамки на овој проект.
Според неа, воопшто нема потреба од законски измени, туку во случајот се работи за пракса на работење на Судскиот совет. Вообичаено, кога се назначува некој судија, судиите се произнесуваат ’за‘, меѓутоа, вели Петровска, нивното спротивставување на изборот, односно гласање со ’не‘, не е воопшто аргументирано, така што ние немаме можност да ги дознаеме причините зошто некој судија не е назначен, унапреден и слично.
„Апсолутно, се однесува и на разрешувањето на судиите, не постои доволна аргументација, најчесто се користат генерички реченици. Во самата анализа е констатирано, најчесто пред седниците на Судскиот совет вообичаена пракса беше одржување на неформални колегиуми на Судскиот совет во кои оставаат впечаток дека веќе претходно ги одлучуваат и решаваат некои од прашањата кои се тема на дневен ред на актуелната седница, а потоа само се произнесуваат со ‘да’ и ‘не’ на нивното гласање“,
рече Петровска.
Одговарајќи на новинарски прашања, извршната директорка на Коалицијата посочи дека дел од истражувањето било и интервјуирање на голема група судии – актуелни и разрешени. Нивниот впечаток за работата на Судскиот совет, рече Петровска, не е позитивен од едноставна причина што тие не се чувствуваат доволно поврзани со него, се чувствуваат отуѓени од него и не чувствуваат дека ова тело ги застапува и брани нивните интереси, а уште помалку дека ја унапредува независноста генерално во судството.
Поздравно обраќање на конференцијата имаше и претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, која порача дека од приоритетно значење за советот е да се има квалитетни судии кои ќе бидат посветени на професијата и навремено ќе се справуваат со предметите и затоа, тврди таа, се стремат кон квалитетни критериуми за избор на судии.
„Јасно е дека колку поефикасни и поодговорни судии имаме толку правдата што ја испорачуваат ќе биде побрза и поефикасна, а тоа ќе претставува гаранција за почитување на правата на граѓаните и владеење на правото. Судскиот совет се стреми токму кон тоа, преку квалитативни критериуми да ги избере или да ги унапреди судиите со цел судскиот систем да го направи функционален и достапен, а одлуките да бидат законити и донесени врз основа на пропишани правила“,
рече Црвенковска.
Таа посочи дека меѓу аспектите кои ги земаат предвид при изборот е дали кандидати за судии имаат способност за етички, морално и одговорно да ја извршуваат функцијата, дали ја земаат предвид европската судиска пракса, дали пристапот кон правдата е аргументиран, а не субјективен итн. Исто така, Црвенковска зборуваше и за унапредување во кариерата, па нагласи дека од лани постои и правилник со кој судиите за да бидат унапредени во повисок суд се условени со стручно знаење, специјализација и обука односно се гледа колку низ професионалната работа посветувале внимание на доусовршување, стекнување нови вештини итн. Тука се, додаде таа, и критериумите за оценка на нивната работа односно колку се вложувале, како решавале предмети, колку биле посветени во надминување на кризни ситуации итн., како и методологиите за оценување на нивниот квалитет како способност за аргументација, подготвеност за водење расправа, за носење процесни одлуки и др.