Трамп соопшти и дека американските сили погодиле и целосно уништиле десет неактивни ирански брода за поставување мини, како и дека ќе продолжат со нападите
Иран наводно почнал да поставува мини во Ормускиот Теснец, најважното енергетско тесно грло во светот низ кое минува околу една петтина од вкупната светска трговија со сурова нафта. Ова, како што пренесува Си-ен-ен, го изјавиле два извори запознаени со извештаите на американските разузнавачки служби.
Според нив, поставувањето мини засега не е обемно, односно неколку десетици се поставени во последните денови.

Сепак, како што наведуваат изворите, Иран сè уште има повеќе од 80 до 90 отсто од своите мали пловни објекти и бродови за поставување мини, така што неговите сили би можеле релативно брзо да постават стотици мини по тој воден пат.
Според Си-ен-ен, Иранската револуционерна гарда, која сега практично го контролира теснецот заедно со редовната морнарица на Иран, има можност да распореди еден вид појас од дисперзирани бродови за поставување мини, чамци натоварени со експлозив и крајбрежни ракетни батерии.
Трамп му се закани на Иран
По објавите во медиумите дека Иран почнал да поставува мини во Ормускиот Теснец, на својата социјална мрежа Трут соушл се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, со барање тие да се отстранат.
„Доколку Иран поставил какви било мини во Ормускиот Теснец, а немаме извештаи дека го сториле тоа, сакаме тие веднаш да се отстранат. Доколку поради која било причина се поставени мини, а не се отстранат веднаш, воените последици за Иран ќе бидат на досега невидено ниво. Од друга страна, ако го отстранат она што можеби е поставено, тоа ќе биде огромен чекор во вистинската насока“,
напиша Трамп на Трут соушл.
Дополнително тој додаде дека ќе ја користат истата технологија и ракетни капацитети за трајно елиминирање на секој брод што се обидува да го минира Ормутскиот Теснец.
Неколку минути подоцна, Трамп соопшти и дека американските сили погодиле и целосно уништиле десет неактивни ирански бродови за поставување мини, како и дека ќе продолжат со нападите.
