Се очекува експертскиот тим на ЕУ, предводен од хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, да предложи „краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет“
„За жал, Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба“ – му рекла вицепремиерката Грковска на Хрватин
Експертскиот тим на Европската Унија, предводен од судијата во Врховниот суд на Хрватска, Бранко Хрватин, ја завршил оценската мисија за состојбите со Судскиот совет во земјава и наскоро се очекува да излезе со предлог-мерки. Ова може да се дознае од соопштението за средбата што вчера попладне со Хрватин ја имала вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, а финализирањето на оценската мисија неделава го најави и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Од кабинетот на Грковска наведуваат дека се очекува тимот на ЕУ да предложи „краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет“.
Вицепремиерката Грковска, според соопштението, пред хрватскиот врховен судија рекла дека, „за жал, Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба“.
„Вицепремиерката Грковска му достави на Хрватин документ во кој се наведени конкретни слабости што Кабинетот за политики за добро владеење ги детектираше во функционирањето на Судскиот совет, а кои во еден дел се однесуваат на унапредување на мерит-системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на независноста на оваа институција“,
се наведува во соопштението.
Правниот експерт Хрватин рекол дека во рамките на оценската мисија тој и неговиот тим имале низа средби преку кои детално се запознале со состојбите во оваа институција. Следува подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток и на среден рок.
Финализирање на оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет во четвртокот најави и евроамбасадорот Дејвид Гир, додавајќи дека експертскиот тим ќе се врати во Брисел, а потоа се очекува да бидат објавени резултатите и препораките за работата на Судскиот совет.
„Мисијата ќе заврши во текот на оваа седмица, потоа тие ќе се вратат во Брисел и за своите наоди ќе дискутираат со Комисијата. Не можам да дадам точен датум кога тие препораки ќе излезат во јавноста, меѓутоа тие ја разбираат потребата ваквите препораки да се дадат брзо“,
рече Гир одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новиот проект финансиран од Европската Унија „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Оценската мисија што ЕУ ја испрати во земјава кон крајот на јули годинава се фокусира на работата на Судскиот совет, кој последниве неколку месеци беше во центарот на вниманието на јавноста поради низата скандали и превирања во него. Се работи за советодавна група која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои ЕУ може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.