Словенечката Влада, за која често се говори дека го копира авторитарното однесување на Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и чија земја претседава со Европската унија (ЕУ) од 1 јули, се повеќе е цел на критики дека ја напаѓа слободата на медиумите
Словенечката јавна телевизија ја отпушти својата директорка, Наталија Горшчак, што предизвика загриженост кај организациите за слободата на медиумите во земјата, кои стравуваат дека тоа би можело да биде уште една офанзива на Владата на премиерот Јанез Јанша врз медиумите.
Словенечката Влада, за која често се говори дека го копира авторитарното однесување на Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и чија земја претседава со Европската унија (ЕУ) од 1 јули, се повеќе е цел на критики дека ја напаѓа слободата на медиумите.
Кусо време по враќањето на власт во март 2020 година, Јанша го критикуваше извештајот на јавната телевизија на Твитер, кој пак ја критикуваше владата за менаџирање на епидемијата со коронавирусот. Словенечкиот премиер тогаш изјави дека „во таа телевизија има премногу новинари кои се преплатени“.
Според раководството на телевизијата, Наталија Горшчак била отпуштена поради „недостаток на визија и грешки во управувањето“.
Горшчак, пак, изјави дека е отпуштена бидејќи не ги исполнила „барањата“ на генералниот директор на РТ Словенија, Андреј Грах, кој побарал промени во програмата и тимовите.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на јули, изрази згриженост за заканите по слободата на медиумите во Словенија, потсетувајќи дека „слободните и критички медиуми кои играат улога во следењето на владините активности“ се „суштината на демократијата“.