Во реакцијата велат дека не станува збор за дискриминација, ниту за селективно или политички мотивирано постапување, туку за законски донесени акти за престанок на работен однос на административни службеници, поради утврдено кршење на работниот ред, дисциплина и нарушување на угледот на Министерството, во согласност со важечките законски и подзаконски прописи

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ги оценува како неосновани обвинувањата изнесени од Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои велат дека на петмина врабoтени Албанци во министерството им бил прекинат работниот однос и оти одлуката е донесена преку „спорен процес“ и во процедурна и во материјална смисла.
Од министерството, во писмена реакција, велат дека обвинувањата од ДУИ не ја одразуваат фактичката состојба, имајќи предвид дека Министерството за односи меѓу заедниците постапува исклучиво согласно Уставот, законите и подзаконските акти, почитувајќи ги принципите на законитост, еднаквост и недискриминација.
Во реакцијата велат дека не станува збор за дискриминација, ниту за селективно или политички мотивирано постапување, туку за законски донесени акти за престанок на работен однос на административни службеници, поради утврдено кршење на работниот ред, дисциплина и нарушување на угледот на Министерството, во согласност со важечките законски и подзаконски прописи.
„Обидот постапката да се прикаже како меѓуетничко или политичко прашање е целосно неоснован и претставува обид за груба манипулација со јавноста, што не придонесува за заштита на меѓуетничките односи, туку напротив, создава непотребни тензии и ја нарушува довербата во институциите“,
велат од Кабинетот на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Според ДУИ, пак, дисциплинската постапка била спроведена надвор од законски предвидените рокови, што ја прави одлуката правно невалидна.
Тврдат оти не е утврдена индивидуална одговорност и оти постојат индиции за „накнадно конструирање аргументи“ за веќе донесената одлука.
Мерката отпуштање од работа, додаваат од партијата, е несразмерна во однос на наводите и овие се индикатори на еден опасен модел на одлучување.
