Согласно новиот систем, граѓаните ќе мора да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија при првиот влез во некоја од членките на Европската Унија по воведувањето на новите правила. Отпечатокот и фотографијата веќе ќе бидат евидентирани во системот, што значи дека при секој нареден влез во некоја од земјите во ЕУ, службениците за пасошка контрола само ќе ги потврдат податоците
Од 12 октомври стартува новиот систем за влез во Шенген зоната на Европската Унија. Новите правила, кои ќе важат и за македонските граѓани, постепено ќе се применуваат од 12 октомври во наредните шест месеци, по што ќе се воведат на сите влезни точки на Шенген, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

Согласно новиот систем, граѓаните ќе мора да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија при првиот влез во некоја од членките на Европската Унија по воведувањето на новите правила. Отпечатокот и фотографијата веќе ќе бидат евидентирани во системот, што значи дека при секој нареден влез во некоја од земјите во ЕУ, службениците за пасошка контрола само ќе ги потврдат податоците.
Децата до 12 години не подлежат на мерката за оставање биометриски податоци.
„Се регистрира секој влез, излез и евентуално недозволување на влез. Има две главни цели. Прво е јакнење на безбедноста на границата – сакаме да знаеме кој влегува и кој е во Шенген зоната, како и да се идентификуваат луѓето кои влегуваат за да се намалат измамите со идентитет, но и да се намалат злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој. Второ е ефикасност и брзина. Откако системот целосно ќе се импелементира се очекува да биде побрзо и полесно влегувањето во ЕУ“,
посочија од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Имплементацијата на системот е предвидено да се одвива во четири фази, а секоја од земјите од Шенген зоната ќе има своја динамика на имплементација. Во првата фаза, односно 30 дена од почетокот на примената е предвидено да бидат опфатени 10 проценти од сите патници кои влегуваат во Шенген, втората фаза предвидува да бидат опфатени 35 проценти во првите 90 дена од примената, третата фаза е до 150 дена да бидат опфатени половина од патниците и четвртата фаза е 170 дена од примената да бидат опфатени сите патници во Шенген зоната.
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје напоменуваат дека Системот за влез/излез е сосема различен од ЕТИАС-системот чија примена ќе започне во втората половина на 2026 година. Според ЕТИАС-системот, граѓаните на земји надвор од ЕУ кои се ослободени од виза, пред патувањето мора да се регистрираат онлајн и да аплицираат за овластување за самото патување во Европа. Со ЕТИАС не се собираат биометриски податоци, како отпечатоци од прсти.
Двата система се комплементарни еден на друг и ќе продолжат да функционираат паралелно.
МВР пред неколку дена соопшти дека навремено ќе ги информира граѓаните за новите правила при патување во Европската Унија, кои треба да стапат во сила од 12 октомври.