Во камповите биле пронајдени вкупно осум илегални мигранти, и тоа двајца од Пакистан и шестмина од Авганистан, меѓу кои и две деца

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е сузбиена организирана криминална група инволвирана во криумчарење мигранти, при што се поднесени кривични пријави против пет лица.
Од МВР велат дека вчера Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции и Одделот за криминалистичка полиција, спровеле координирана полициска операција под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
При преземањето на мерките, во местото Ресуљка, во близина на граничната линија помеѓу Северна Македонија и Србија, биле откриени два импровизирани кампови. Во камповите биле пронајдени вкупно осум илегални мигранти, и тоа двајца од Пакистан и шестмина од Авганистан, меѓу кои и две деца.
Истиот ден, до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против пет лица – З. Х. (20), Џ. Д. (31), В. Х. (34), А. Ш. (37) и едно 15-годишно лице, сите државјани на Авганистан. Тие се сомничат за сторено кривично дело криумчарење мигранти по членовите 418-а и 418-б од Кривичниот законик.
Според МВР, пријавените во улога на водичи, илегално пренеле и засолниле група мигранти од Грција до импровизираните кампови. Откако ги сместувале мигрантите, З. Х. и Џ. Д. користеле сила и закана за да изнудат парични средства од жртвите, со цел да им овозможат понатамошно префрлување на територијата на Србија, со крајна дестинација земјите од Европската Унија.
