Во два различни објекти затекнати се повеќе лица како нелегално организираат игри на среќа, а притоа не се почитувани ниту мерките за заштита против ковид.
„Полициски службеници од СВР Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција во содејство со инспектори од Управата за јавни приходи денеска извршија претреси во објекти на ул. Ѓорѓи Димитров и ул. Костурски херои во Скопје по добиена оперативна информација дека незаконски се организираат игри на среќа што се забранети, по претходно обезбедена судска наредба од Основен кривичен суд“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
При претресите, како што соопшти МВР, затекнати се повеќе лица, а по документирање на случајот ќе бидат поднесени кривични пријави за сторени кривични дела по чл. 398 комар и кривични дела непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл. 206 од Кривичниот законик.
