Двајца Пакистанци и двајца ќ малолетници од Авганистан се осомничени во истрагата на обвинителство. Во импровизираниот камп во близина на границата тие држеле илегални мигранти, им ги земале мобилните, ги фотографирале и барале пари од нивните семејства за да ги пуштат да продолжат понатаму. Со мигрантите, наведува обвинителството, тие се однесувале сурово и понижувачки, а со дел од нив имале и полови односи
На границата со Република Србија вчера е откриен импровизиран камп во кој мигранти биле малтретирани и држени во заложништво, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое отвори истрага.
Во истрагата осомничени се двајца полнолетни државјани на Пакистан и двајца малолетници од Авганистан.
Нивната мрежа на криумчарење и малтретирање мигранти функционирала неколку месеци, од август до ноември годинава. Групата била создадена од две непознати лица од Пакистан, а осомничените во истрагата на македонските органи биле припадници во неа.
Во импровизираниот камп, кој бил направен во близина на границата со Србија, тие сместувале мигранти кои во земјава илегално влегувале од Грција. За да ги пренесат на српска територија односно да им овозможат да продолжат по својата рута, осомничените ги малтретирале и барале пари од нивните семејства.
„Во камповите мигрантите присилно биле задржувани, им биле одземани мобилните телефони и личните документи, со што им оневозможувале каков било контакт надвор од кампот. Искористувајќи ја нивната немоќ, осомничените физички ги малтретирале жртвите, ги фотографирале и фотографиите ги испраќале на нивните семејства од кои барале парични средства за да ги пуштат жртвите да ја продолжат рутата, со употреба на сила и закана изнудувале парични средства и од жртвите кон кои се однесувале на крајно суров и понижувачки начин, а со некои имале и полови односи“,
соопштија од Обвинителството.
Случајот бил откриен како резултат на меѓународна соработка со Србија каде двајца мигранти кои биле жртви на групата ги пријавиле настаните.
На групата и се ставаат на товар повеќе кривични дела, како организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти.
На осомничените им е определен притвор и им се заканува затворска казна од најмалку осум години.