Според истрагата на НАБУ, организираната корупциска мрежа вклучува украински пратеник, поранешен гувернер на Луганската област, сегашни раководители на окружните и градските воени администрации, командант на воена единица на Националната гарда и директор на компанија што снабдува беспилотни летала
Украинските институции за борба против корупцијата соопштија дека откриле голема корупциска шема во секторот на одбраната, а во која се вмешани политички функционери. Станува збор за набавка на воени беспилотни летала и опрема за електронско војување по повисоки цени.
Овој случај е откриен откако претседателот Володимир Зеленски на 31 јули потпиша закон усвоен од парламентот со кој се враќа независноста на Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупција (САП) – главните антикорупциски тела во земјата, откако нивната независност беше отповикана неколку дена претходно.
Според истрагата на НАБУ, организираната корупциска мрежа вклучува украински пратеник, поранешен гувернер на Луганската област, сегашни раководители на окружните и градските воени администрации, командант на воена единица на Националната гарда и директор на компанија што снабдува беспилотни летала.
Истрагата утврди дека членовите на групата проневериле државни средства наменети за армијата во текот на 2024 и 2025 година. Сторителите, исто така, стекнале и делеле нелегални придобивки во особено големи износи.
Поради ова денеска се уапсени четири лица.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) откриле дека еден пратеник и одредени раководители на градски управи примиле мито.
„Еден од народните пратеници на Украина, како и одредени раководители на окружните и градски управи и војници на Националната гарда на Украина се разоткриени за примање мито. Им благодарам на органите за борба протов корупцијата за нивната работа. Може да постои само нулта толеранција за корупцијата, јасна тимска работа за разоткривање на корупцијата и, на крајот да следи праведна казна“,
рече тој.
Според него, важно е институциите за борба против корупцијата да работат независно, како и дека законот усвоен во четврток им гарантира сите можности за вистинска борба против корупцијата.
На 22 јули, украинскиот парламент, Врховната рада, усвои Закон за намалување на овластувањата на НАБУ и САПО, кој Зеленски го потпиша истиот ден, по што во Киев и во други градови на Украина се одржаа протести против овој закон.
По протестот, на 24 јули, Зеленски го одобри текстот на законот за враќање на независноста на антикорупциските тела, кој беше усвоен од Врховниот совет за труд на 31 јули, а кој тој го потпиша истиот ден.