Дерек Шоле, посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, се согласил со позицијата на македонскиот вицепремиер дека е крајно време да се одржи првата меѓувладина конференција
На барање на Стејт департментот, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров попладнево разговараше со Дерек Шоле, посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој на ниво на потсекретар е надлежен за важни прашања од надворешната политика, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
Како што се соопштува, разговорот се фокусираше на тековните случувања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија, како и можните чекори за откочување на процесот.
Димитров нагласил дека со потпишувањето на Преспанскиот договор се затвори едно од најгорливите прашања во регионот, за што соговорниците заеднички се согласиле дека неговиот успех, освен што е потврда за одлучноста и визијата на Северна Македонија, претставува и појдовна точка за позитивни промени и менување на перцепциите за земјите од Западниот Балкан.
„Постигнувањата кои следеа по Договорот, како што е членството во НАТО, треба да се надоградат и со реализација на втората стратешка цел – преговори за членство со Европската Унија“,
констатирале Димитров и Шоле, како што соопштија од СЕП.
Од американска страна е потврдена поддршката за евроинтеграциите, со порака дека земјата треба да го задржи реформскиот курс, за што САД останува искрен и посветен партнер.
Шоле се согласил со позицијата на Димитров дека е крајно време да се одржи првата меѓувладина конференција.
По повод годишнината од пристапувањето во НАТО, Шоле упатил искрени честитки, како за земјата, така и за личниот удел на Димитров во реализацијата на ова постигнување. Соговорниците, како што соопшти СЕП, ја реафирмирале заложбата за продлабочување на партнерската соработка меѓу двете земји заснована на заедничките цели, интереси и вредности.