Првиот човек на ЈПДП вели дека проблемот е детектиран и во врска со него е изработен проект кој е доставен до Министреството за транспорт и врски и кој во наредниот период треба да добие одобрение од овој ресор и од МВР за да се воведе нова сигнализација
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, најави дека на експресниот пат Градско – Прилеп ќе се постави нова сообраќајна сигнализација која, како што рече, би помогнала да се намалат несреќите и шансите за сообраќајки со смртни последици.

Најавата следува откако медиумите нотираа дека експресниот пат, кој беше пуштен во употреба пред неколку месеци, досега зеде пет жртви.
Трајановски вели дека проблемот е детектиран и во врска со него е изработен проект кој е доставен до Министреството за транспорт и врски и кој во наредниот период треба да добие одобрение од овој ресор и од Министерството за внатрешни работи за да се пристапи кон воведување нова сообраќајна сигнализација.
„Експресниот пат Градско – Прилеп е еден од новите патишта кои ги пуштивме во текот на изминатава година откако сум дојден на позицијата. Тоа е наследен проект – основен градежен проект, сообраќајни проекти – сето тоа е направено според важечки законски прописи и сообраќајните и основните проекти. Така што, така е изведено како што е предвидено со закон и според сообраќајните проекти“,
изјави Трајановски во интервју за „Вести плус“ на Канал 5.
Директорот на ЈПДП во оваа пригода упати и апел до возачите да внимаваат на сигнализацијата.
Трајановски вели дека во соработка со МВР се детектирани и други „црни точки“ на патиштата во државата и дека се работи на решавање на проблемот.
