„И со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои ги злоупотребуваат, а не треба на јавноста да ѝ кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот Регион“, вели премиерот

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ја одложи одлуката за впишување на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и природни наследства во опасност. Оваа одлука, како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, е резултат на „координирана интерсекторска дипломатска активност“ која обезбедува дополнителен период за имплементација на препораките.
Мицкоски најави дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, особено оние што имаат одобрение за реконструкција, а прераснале во станбени објекти. Целта на овој потег, според премиерот, е да се „извадат на површина лицата блиски до партии од претходната влада, кои правеле такви злоупотреби“.
„Со координирана интерсекторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнителен период и да почнеме со имплементирање на тие препораки. За таа цел Министерството за транспорт распиша оглас и ќе ангажираме фирма која овие дивоградби посебно во Охрид, а посебно оние кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти, ќе бидат урнати. И со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои ги злоупотребуваат, а не треба на јавноста да ѝ кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот Регион“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по настанот по повод 80-годишниот јубилеј на републичкиот Црвен крст.
Премиерот истакна дека додека опозицијата „ликувала“ за оваа состојба, Владата се борела да се даде шанса Охрид да добие уште еден транзициски период за примена на препораките. Тој потенцираше дека препораките се однесувале за периодот од 2017 до март 2024 година, но претходната влада, според него, не ги ни започнала.
„Тоа е уште една лоша работа која се случуваше во минатото во време на СДСМ. Ги гледав тие прес-конференции и пораки кои доаѓаа од ‘Бихачка’ и молчевме, не сакавме да реагираме, бидејќи се боревме, додека тие ликуваа, ние се боревме во жестока дипоматска офанзива да се даде шанса Охрид да добие уште еден транзициски период, со што би почнал со имплементирање на препораките кои за жал претходната влада не само што не ги започна, туку и луѓе блиски до партиите од претходната влада продолжија да ги злоупотребуваат познанствата со поединци блиски во претходната влада. Па така, некои од одобренија за реконструкции прават нови згради, да речеме, во центарот на Охрид“,
изјави Мицкоски.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска во Париз донесе одлука да се одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и природни наследства во опасност.
Ова значи дека Охрид и Република Северна Македонија, заедно со Албанија, добија уште една година да исполнат низа задолженија и да постапат по препораките нотирани во претходните извештаи на Реактивните мониторинг-мисии. Извештај до УНЕСКО ќе треба да достават до 1 февруари наредната година.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков додаде дека одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО им дава на Македонија и на Албанија дополнителна година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.