Мицкоски рече оти Изборниот законик е усогласен меѓу сите политички партии во парламентот, освен со партијата што го блокира

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ставањето надвор од сила на упатството на Државната изборна комисија (ДИК) од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик не го нарушува изборниот процес за локалните избори. Тој вели дека ДИК има законска обврска да донесе ново упатство, а неговата содржина зависи од самата Комисија.
Мицкоски вели дека комплетно новиот Изборен законик е веќе подготвен и со месеци стои во Собранието, но е блокиран од една опозициска партија.
Тој објасни дека блокадата е поради нереално барање кое никаде во светот не се применува, а тоа членот во ДИК кој е од редовите на таа партија да става вето на одлуката на комисијата и на Општинските избирачки одбори.
„Такво нешто ниту постои, ниту некаде е видено во светската пракса. Со други зборови не сакаат да се донесе овој изборен законик“,
изјави Мицкоски при денешната посета на Петровец.
Тој додаде дека доколку постои политичка волја, владината коалиција е апсолутно подготвена „утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа“.
Мицкоски рече оти Изборниот законик е усогласен меѓу сите политички партии во Парламентот, освен со партијата што го блокира.
За жал, додаде тој, ова е еден од тие неколку закони кои можат да трпат филибастеринг од страна на политичките партии во Парламентот.
„Затоа сега одлуката е кај ДИК, која треба да донесе нов правилник“,
рече премиерот.
На прашањето дали независните кандидати повторно ќе треба да собираат потписи, премиерот одговори дека тоа е прашање за ДИК.
„Тие, бидејќи го ставија стариот вон сила, согласно законските надлежности носат нов, така што ништо не е доведено под знак прашање“,
кажа Мицкоски.
ДИК во саботата донесе заклучок за ставање надвор од сила на упатството од 2024 година, по одлуката на Уставниот суд со која беа укинати членовите 61 и 62 од Изборниот законик, кои го регулираа бројот на потребни потписи за независните кандидати.
Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, рече дека на локалните избори ќе може да учествуваат и независни кандидати за градоначалници и листи за советници. Тој повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, рече дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори.
Откако независните организации изразија недоверба во изјавата на ДИК и најавија дека продолжуваат со собирање потписи за формирање политичка партија за да не се најдат во ситуација во која повторно во последен момент ќе се појави некое ново правило или ќе се изгласа некоја нова измена на Изборниот законик за да не може да настапат на изборите.
Денеска Кондарко рече дека во Изборниот законик е дадено правото на независни кандидати и листи да учествуваат на локалните избори, односно во Изборниот законик тие се именувани како „група избирачи“.
Според него, доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН и ДУИ и понатаму не ги донесат потребните измени на Изборниот законик, ДИК ќе донесе упатство за кандидирање на независните без собирање потписи. На тој начин, независните кандидати нема да бидат принудени да формираат партии за да учествуваат на изборите, ако не сакаат.
Локалните избори беа распишани во саботата. Првиот круг од гласањето за градоначалници ќе се одржи на 19 октомври, кога ќе се гласа и за советничките листи. Втор круг за градоначалници ќе има на 2 ноември.