Се случува провокација од западните разузнавачки служби за наводното труење на Навални, рече портпаролката на руското МНР, Захарова
Русија денеска се закани дека жестоко и соодветно ќе одговори на одлуката на САД да се приклучат на санкциите кои ги воведе Велика Британија спрема Моска поради односот кон Алексеј Навални.
„Ова докажува дека Вашингтон не е подготвен да се соочи со реалноста. Уште еднаш, се случува провокација од западните разузнавачки служби за наводното труење на Навални. Во тек се и закани за компаниите што работат на ‘Северен тек 2’“,
изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесе Тасс.
За Захарова сето ова што се прави изгледа „патетично и осудено е на пропаст, со што се демонстрира неспособноста на Вашингтон да ја напушти ароганцијата, грубоста и неподготвеноста да ја прифати реалноста, знаејќи однапред дека нема смисла да се врши притисок врз Русија“.
„Нашиот одговор, како и секогаш, ќе биде силен и соодветен“,
додаде таа.
САД вчера се приклучија кон санкциите што завчера ги воведе Велика Британија против седум офицери на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), за кои се верува дека биле вмешани во инцидентот со блогерот Алексеј Навални.
Во документот се наведува дека се воведени санкции против Алексеј Седов, Кирил Василиев, Станислав Макшаков, Владимир Богданов, Алексеј Александров, Иван Спиридонов и Владимир Пањајев.
Тоа значи дека нивните банкарски сметки се замрзнати и дека им е забранет влез во Велика Британија, јави Тасс.
Официјален Лондон ги сомничи оперативците на руската разузнавачка служба за вмешаност во труењето на критичарот на Кремљ, Навални.
– Александров беше оперативец на криминалистичката единица која е присутна во Томск, каде што Навални беше отруен. Доказите, вклучувајќи телефонски и патни записи, покажуваат дека Алексеј Александров бил еден од оперативците вклучени во употребата на хемиско оружје при обидот за убиство на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални за време на неговата посета на Сибир во август 2020 година, се наведува во записот на листата санкции.
Навални беше префрлен на лекување во Германија откако беше отруен со нервен агенс во Сибир на 20 август минатата година, тврдат западни експерти.
Москва ги отфрли таквите наводи и го обвини Западот за клевета.
Навални беше уапсен во јануари годинава, откако се врати во Москва од Германија, каде што пет месеци се опоравуваше од труење.
Во февруари, тој беше осуден на две и пол години затвор поради кршење на условната казна од 2014 година за осуда за проневера, која ја отфрли како политички мотивирана.