Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави нови протести со автомобили против поскапувањето на струјата. Претходните протести партијата ги организираше само во Скопје, а вечерва најави дека ќе протестира во уште два града.
Во вторник (13 октомври) во 18 часот, најавија од ВМРО-ДПМНЕ, со возила тие ќе одржат истовремени протести во Скопје, Охрид и Прилеп.
„Граѓаните во Македонија се соочени со драстичен пад на стандардот поради поскапувањето на струјата од 7,4% што го испорача мафијата на власт преку одлуката донесена од РКЕ. Марко Бислимовски, претседателот на РКЕ е марионета на Заев, скапо платена марионета која удира по џебот на граѓаните за да ги покрие дупките од неспособноста и неодговорноста на мафијата на власт. Сега народот плаќа поскапа струја, дури Бислимовски за своите штетни одлуки за граѓаните го плаќаат 120 илјади денари“,
пишува во најавата за протестите.

Во Скопје тие ќе протестираат од паркингот кај Спортскиот центар „Јане Сандански“ до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Во Охрид протестот ќе почне од влезот на градот до паркингот Котва, а во Прилеп ќе се соберат кај хотелот „Липа“ и по возење низ градот, протестот ќе заврши на истото место.
ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на септември досега организираше четири протести за струјата, еден беше со марш од Министерството за правда до РКЕ, а останатите беа со автомобили низ скопските улици.
Покрај против поскапувањето на струјата, од опозицијата одржаа и еден протест, како што го нарекоа „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“, два протести „против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство“ и уште еден протест „против реваншизмот и теророт врз граѓаните и политичките неистомисленици“.