Според податоците на украинското Министерство за култура и информации 13 новинари се повредени, осуммина се киднапирани или заробени, а тројца новинари се водат како исчезнати
Осумнаесет новинари се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Ова го соопшти украинското Министерство за култура и информации, пренесе Би-би-си.
„Секоја смрт и други злосторства врз медиумските работници ќе бидат истражени“,
се вели во соопштението на Министерството.
Според истиот извор, 13 новинари се повредени, осуммина се киднапирани или заробени, а тројца новинари се водат како исчезнати.
Министерството има информации дека се извршени злосторства против новинари од 11 земји, вклучително и Украина.
Поранешен новинар на „Њујорк Тајмс“ Брент Рено беше убиен во близина на Киев на почетокот на март, додека уште еден новинар беше ранет.
Овој 51-годишен наградуван новинар и режисер на документарни филмови беше убиен кога руските сили отвориле оган на автомобил во близина на Ирпин, пренесе „Гардијан“.