Според раководителката на одделението за анестезиологија и реанимација во Општата болница во Кочани, д-р Оливера Цимбаљевиќ, сите повредени во пожарот што се примени во кочанската болница се во стабилна состојба. Дел од нив имаат изгореници на нозете, а дел инхалациони повреди од вдишување чад
Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, вели дека според информациите од локалната болница, во пожарот се повредени пожарникари, доброволци и вработени во фабриката
Вкупно осумнаесет лица биле примени синоќа во Општата болница во Кочани со повреди од пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогес“ во Виница.

Дел од нив се задржани во болницата, а дел се препратени на клиниките во Скопје, изјави за МИА раководителката на одделението за анестезиологија и реанимација во Општата болница во Кочани, д-р Оливера Цимбаљевиќ.
Според неа, сите повредени во пожарот што се примени во кочанската болница се во стабилна состојба.
Дел од повредените имаат изгоренции на нозете, а дел инхалациони повреди од вдишување чад.
Петмина од повредените, како што вели таа, се наоѓаат на одделението за хирургија, од кои кај четворица се констатирани изгореници на нозете од прв и од втор степен.
„Петтиот што е задржан на хируруршкото одделение е со инхалациони (токсиколошки) повреди. Други петмина повредени во пожарот во ‘Макпрогрес’ се згрижени на интерното одделение во Општата болница во Кочани. Сите се со инхалациони повреди (вдишување чад), односно со токсиколошки наод. Шест други лица веднаш се препратени на клиника во Скопје, сите затруени со чад од огнот. Преостанатите заминале после укажаната лекарска интервенција“,
вели д-р Цимбаљевиќ.
Таа не може да прецизира колкумина од повредените се пожарникари, а колку се вработени во фабриката „Макпрогрес”, но, како што вели, сите што се примени во кочанската болница се во стабилна состојба.

Инаку, како што вчера информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, неколкумина пожарникари, без да наведе конкретна бројка, се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
Во врска со бројот на повредени денеска се огласи градоначалникот на Виница, Миле Петков, кој во изјава за државната новинска агенција вели дека во текот на синоќешниот пожар медицинска помош побарале 16 лица. Информацијата, како што изјавил тој, ја добил од Здравствениот дом во Виница.
Според неговите информации, во пожарот се повредени пожарникари, доброволци и вработени во фабриката.
„Според информациите од Здравствен дом Виница, помош побарале 16 лица, дел од повредените се пренесени во Здравствен дом во Кочани, додека оние коишто имаат вдишано чад се пренесени во Клинички центар во Скопје. Здравствената состојба им е добра“,
вели Петков.
Тој изјавил дека пожарот во фарбиката „Макпрогрес“ е локализиран, а опожарени се три погони и магацин на површина од околу 5 000 квадратни метри.
Градоначалникот на Општина Виница вели дека во гаснењето на пожарот учествувале пожарникари и доброволци од Виница, Кочани, Штип, Македонска Каменица, Кавадарци, Струмица, Делчево, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш и од Велес.

Од Стопанската комора денеска соопштија дека уште синоќа биле вклучени во напорите за гаснење на пожарот во фабриката на компанијата која е нивна членка. Оттаму најавија формирање кризен штаб со сопственикот на фабриката за целосно нормализирање на состојбите.
Пожарот во фабриката, како што информира синоќа Центарот за управување со кризи, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112. Стихијата, според ЦУК, избувнала во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.