Ждрепката за утврдување на единствената листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември
Осумнаесет кандидати ќе влезат во трката за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори доколку Државната изборна комисија (ДИК) ги потврди нивните кандидатски листи.
Рокот за поднесување кандидатури истече на 13 септември на полноќ. Како што соопштија од ДИК, до завршување на рокот за поднесување кандидатски листи за градоначалници и совети на 80 општини и на Градот Скопје, до општинските изборни комисии се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на општините и Градот Скопје.
Во оваа бројка се вклучени и листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи.

Најмногу кандидатски листи за градоначалници и совети се поднесени за Градот Скопје, односно 18 листи на кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи на кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
„Согласно Роковникот за локалните избори 2025 година, општинската изборна комисија (ОИК) доставува барање до институциите што ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш по приемот на листата, односно најдоцна до 14 септември. Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до ДИК за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдување на листата, односно најдоцна на 20 септември 2025 година“,
се вели во соопштението од ДИК.
По завршување на процесот на проверка на документација и исполнетоста на законските услови и потврдување од страна на ОИК, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини што ќе учествуваат на изборите.
Ждрепката за утврдување на единствената листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври 2025 година, а вториот две недели подоцна, на 2 ноември.
Изборната кампања ќе почне 20 дена пред денот на гласање.