Поради здравствените проблеми на девојчето, од ЦУК велат дека долготрајниот транспорт по земја можел дополнително да се одрази негативно врз здравствената состојба на детето и затоа е позитивно одговорено на барањето за транспорт со хеликоптер

Осумгодишно девојче со проблем со моториката, кое не можело самостојно да оди, не зборува и има голем степен на искривување на ‘рбетниот столб, повеќе од 80 отсто, денеска со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи опремен со преносна медицинска опрема, е транспортирано до болницата „Медицински парк“ во Истанбул, Турција, заради операција.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека барањето за транспорт било упатено преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 на 13 овој месец од родителот на детето.
„Поради наведените здравствени проблеми, долготрајниот транспорт по земја е можно дополнително да се одрази негативно врз здравствената состојба на детето. Ако се земе предвид дека оваа операција на ‘рбетот спаѓал во тешки и ризични операции, а постоперативното заздравување е долгорочно и многу тешко, особено во таква состојба, констатирано е дека друг вид транспорт со толкаво времетраење е многу ризичен и опасен по животот на девојчето“,
информираат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека на барањето е позитивно одговорено и во координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство денеска е реализиран транспортот на болното дете со хеликоптер на МВР.
