Од Здравство велат дека на лекување во странство остануваат уште 18 пациенти

Осум пациенти повредени во пожарот во Кочани, а кои се лекуваа во Турција, Бугарија и Словенија, денеска се враќаат во земјава, информираат од Министерството за здравство.
Од Турција се враќаат петмина пациенти, двајца се од Бугарија и еден од Словенија.
Со враќањето на овие пациенти, од Здравство велат дека на лекување во странство остануваат уште 18 пациенти.
Согласно протоколот, пет пациенти ќе бидат под опсервација во ГОБ „8 Септември“, двајца на Клиниката за пластична хирургија и еден пациент во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Од министерството велат дека дел од повредените, кои изминатиот период се вратија во земјава, веќе го започнале процесот на рехабилитација во Општата болница во Кочани. Тие во зависност од повредите се третираат на одделенијата за неврологија, хирургија и физикална терапија.
„Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата на повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација“,
велат од Здравство.
Министерот за здравство Арбен Таравари пред три дена рече дека Турција изразила подготвеност бесплатно да прими до 15 пациенти повредени во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, а на кои им е потребна долготрајна рехабилитација што може да трае повеќе од една година. Понудата Таравари рече дека ја добил при неговата неодамнешна посета на двајца пациенти повредени од пожарот во Кочани што се лекуваат во болницата „Чам ве Сакура“ во Истанбул.