Од повредените, еден 29-годишен маж е во критична состојба, додека 19-годишник е во сериозна, но стабилна состојба. Шест други мажи, на возраст од 18 до 40 години, имаат повреди кои не се опасни по живот, соопшти лондонската полиција

Осум лица се прободени со нож, а стотици се уапсени по немирите што избија на карневалот во Нотинг Хил, западно од Лондон, соопшти лондонската полиција.
Од повредените еден 29-годишен маж е во критична состојба по прободувањето со нож на Ворфилд Роуд во понеделникот вечерта. Друго лице на возраст од 19 години е во сериозна, но стабилна состојба и е во болница откако бил избоден со нож во Ладброук Гроув. Шест други мажи, на возраст од 18 до 40 години, имаат повреди кои не се опасни по живот, додаваат од полицијата.
Во текот на главните два дена на фестивалот уапсени биле 275 лица од кои 165 се уапсени во понеделникот за низа кривични дела, вклучувајќи поседување ладно оружје, сексуален напад, напади врз полицијата и поседување дрога.
Според заменик-помошникот комесар Аде Аделекан, жално е што втора година по ред карневалот е обележан со сериозно насилство.
„Никој не го оспорува значењето на карневалот во културниот календар на Лондон и огромното мнозинство од оние што дојдоа ќе имаат позитивно искуство. Сепак, не можеме да ги занемариме прободувањата, сексуалните напади и нападите врз полицајците што ги видовме. Како што правиме по секоја голема операција, ќе ги прегледаме настаните од изминатите два дена и ќе разгледаме темелно што можеби ќе треба да се промени во следните години“,
додава Аделекан.