Од Основниот суд во Штип велат дека по скратена постапка ќе следи судење, а осомничениот ќе биде спроведен во затворот во Куманово

Осум дена притвор му е определена на 43-годишниот родител од Скопје што нападна двајца малолетни фудбалери на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи. Настанот се случи вчера на стадионот „Бело Брдо“ во Штип.
Портпаролот на Основниот суд во Штип и судија на претходна постапка, Сашко Георгиев, за МИА потврди дека на лицето А.А. му е одредена мерка притвор. По скратена постапка, ќе следи судење, а осомничениот ќе биде спроведен во затворот во Куманово.
Претходно денеска Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип информираше дека е поведена постапка против маж роден 1982 година, осомничен за кривично дело – насилство, кое го извршил за време на фудбалскиот натпревар на стадионот во Штип, со што ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи на тимот на Беласица, нанесувајќи им телесни повреди.
ОЈО Штип побара притвор за родителот имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото.
Инцидентот се случил во 89. минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, кој е играч на Шкупи. Незадоволен од одлуката тој почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Потоа на терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди, како набиеници и скршеница на нос без дислокација.
Родителот, како што рекоа вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР), бил уапсен од полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, а двајцата малолетници се пренесени во Клиничката болница во Штип за укажување помош.
По инцидентот имаше реакции и осуда за истиот од страна на Фудбалската федерација на Македонија и Фудбалскиот клуб Брегалница.