Претседателот на Собранието информира и дека до нив сè уште нема пристигнато кој ќе биде кандидат за гувернер на Народната банка

Оставката на министерот за здравство Арбен Таравари сè уште не е пристигната во Собранието, информира денеска собранискиот спикер Африм Гаши.
Гаши вели и дека до него сè уште нема пристигнато предлог кој ќе биде координатор на пратеничката група на ВЛЕН на местото на досегашниот Халил Снопче, кој е од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, што одлучи да ја напушти Владата и да дејствува како опозиција.
„Оставка сè уште нема. Немаме никаква нова информација за пратенички групи“,
рече Гаши на денешната средба со новинарите.
Како што рече Гаши, на последната координација немало никој од ВЛЕН иако се покануваат оние што официјално се координатори.
„Кога ќе имаме нова состојба, ќе го поканиме оној којшто ќе биде координатор“,
додаде Гаши.
Претседателот на Собранието информира и дека сè уште до нив нема пристигнато кој ќе биде кандидат за гувернер на Народната банка. Премиерот Мицкоски, вчера, рече дека имал разговори со Гаши изборот на гувернер на Народната банка да биде ставен како точка на дневниот ред на седницата закажана за 20 мај.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече дека ќе си поднесе оставка од функцијата, како резултат на одлуката крилото од Алијанса за Албанците со кое тој раководи да ја напушти владината коалиција и да замине во опозиција, донесена во понеделникот.
За функционерите што се поставени во институциите, а кои се дел од Алијанса за Албанците, вели дека очекува да бидат разрешени.
Кој ќе го замени Таравари на министерската функција сè уште не познато, како и дали тоа ќе биде кадар од коалицијата ВЛЕН, во која до скоро партиципираше и Алијанса за Албанците или, пак, позицијата ќе припадне кај ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да биде познат ликот на Владата без претставниците на Алијанса за Албанците.