Мојата позиција станува неодржлива и неефективна, констатира заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, во објавата на Фејсбук со која информира дека поднесува оставка на оваа и на сите дополнителни функции во рамки на Министерството и на Владата.
„А, можевме многу, многу подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме“,
вели Атанасов во писмената оставка испратена до премиерот Зоран Заев.
Атанасов вели дека во 10-те месеци додека е на оваа позиција, освен бескрајни формалности, не се случило ништо позначајно, а промените во образованието што ги навестувале, не ги остваруваат. Спомнува многу започнати проекти кои смета дека значително би го унапредиле образовниот процес, за кои документацијата заглавувала во кабинетите на министерот и на премиерот.
„Морам да истакнам дека уште од самиот почеток не ми беше дозволено да формирам тим со што ефектите од мојата работа би биле многу поголеми. Првите два месеца заедно со една поголема група изготвивме решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал, извештајот и предлог-мерките останаа во Кабинетот на министерот. Неколку месеци работев, заедно со неколку креативни луѓе, на дизајнирање на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал, извештајот и предлог-мерките останаа во Вашиот Кабинет. Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции, заради воспоставување директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование. За жал ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализира поради инертноста и спороста на образовните институции. А, треба многу работи да се менуваат“,
пишува Атанасов.
Вели дека во недостиг на простор и можност за поголеми промени во образованието, најголем дел од времето го посветил на подготовка на „Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам“.
„Едно општество“ е мој концепт и визија за иднината на државата, кој беше вклучен во програмата на партијата, а потоа и во програмата на Владата. Заедно со неколку одлични соработници од повеќе институции влеговме во процес на градење на овој концепт за едно општество. Како што јавно говорев и аргументирав, во нашето општество паралелно се одвиваат два процеса поврзани со општествената (дез)интеграција. Едниот процес го форсира национализмот, етноцентризмот и изолацијата, додека другиот процес, концептот што ние го понудивме, во преден план ги става соработката, интеграцијата и заедништвото. Во оваа стратегија голем дел е посветен на образованието, како основа за идните политики и законски решенија, кои во една пристојна временска димензија би поддржале процеси на интеркултурно живеење и комуникација, без разлика на сите наши специфичности и различни припадности. Без суштински и добро осмислени и реализирани промени во образованието, ниту оваа стратегија нема да може да фати корен“,
смета Атанасов.
По оставката, тој вели дека планира да продолжи да работи како професор, зашто, како што пишува, револуцијата што ја покренале почнала да ги јаде сопствените деца.
„За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува.“
завршува Атанасов.
Еден од последните јавни настапи на Петар Атанасов беше во емисијата „360 Степени“, емитувана пред една седмица (17 јуни), во која одговараше на прашања поврзани со драстичното намалување на бројот на ученици (за 20% за само 12 години) и за нагласеното иселување од земјава.