Шефот на дипломатијата Бујар Османи истакнал дека благодарение на неопходните одлуки, кои, како што рекол, колку и да биле политички болни на краток рок, земјава успеала да го стопи „вечниот мраз“ околу пристапниот процес во ЕУ по 17 години во чекалната
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во рамки на својата работна посета на САД учествуваа на тркалезна маса на Атлантскиот совет во Вашингтон, од каде порачаа дека земјава останува посветена на нејзиниот европски пат.

Со членовите на Атлантскиот совет, меѓу останатото, биле разменети ставови околу пристапувањето на С Македонија во Европската Унија, околу предизвиците со кои се соочува при евроинтегративниот процес, но и за можностите што ги нудат иницијативите за регионална соработка на Западен Балкан.
„Како лидери, мора да останеме посветени на патеката за пристапување кон ЕУ. Мора да направиме визионерски чекори за подобрување на демократскиот развој, проширување на економските можности и поттикнување на помирувањето во Западен Балкан, сè со цел целосен просперитет на земјата и граѓаните“,
кажал Османи на тркалезната маса.

Шефот на дипломатијата истакнал дека благодарение на неопходните одлуки, кои, како што рекол, колку и да биле политички болни на краток рок, земјава успеала да го стопи „вечниот мраз“ околу пристапниот процес во ЕУ по 17 години во чекалната.
„Ја зедовме судбината во свои раце и неопходните одлуки што ги донесовме, колку и да беа политички болни на краток рок, на долг рок ги закотвија нашите евроинтегративни аспирации откако успеавме прво да се приклучиме на евроатлантското семејство во 2021 година“,
рекол Османи.
На Советот, меѓу другото, се дискутирало и за справувањето на Владата со енергетската криза, борбата против корупцијата, како и одговорот на С Македонија на војната во Украина и нејзиното влијание врз целиот регион.
„Северна Македонија со поддршка на САД и Стратешкиот дијалог ќе продолжи да прави големи чекори кон зголемување на просперитетот на сите наши граѓани, подобрување на владеењето на правото, борба против корупцијата и зајакнување на нашите демократски институции“,
рекол шефот на дипломатијата.