На дополнително прашање, што значи формулацијата „нема промена во системот на сметање на времето“, односно дали тоа значи дека в недела во три часот стрелките на часовникот ќе ги поместиме еден час наназад и ќе биде два часот, од Владата ни одговорија потврдно
Можноста за задржување на летното сметање на времето од „Илинденска“ бр. 2 дојде на почетокот на месецов, а задача од Владата да ја разгледа ваквата можност и да ги подготви потребни анализи и документи доби Министерството за економија
Нема да има промени во сметањето на времето, односно ноќта меѓу 29 и 30 октомври граѓаните во земјава повторно ќе треба да ги поместат стрелките на часовниците за еден час наназад, потврдија за „360 степени“ од Владата.
„Нема промена во системот на сметање на времето“,
ни одговорија од Владата, а деталите ќе бидат споделени во соопштение по владина седница

На дополнително прашање, што значи формулацијата „нема промена во системот на сметање на времето“, односно дали тоа значи дека во недела во три часот стрелките на часовникот ќе ги поместиме еден час наназад и ќе биде два часот, од Владата ни одговорија потврдно.
Можноста за задржување на летното сметање на времето од „Илинденска“ бр. 2 дојде на почетокот на месецов, а задача од Владата да ја разгледа ваквата можност и да ги подготви потребни анализи и документи доби Министерството за економија.
Анализите, како што беше најавено од министерот за економија Крешник Бектеши, требаше да бидат готови пред две недели, но тоа не се случи.
Во меѓувреме од Економија по ова прашање беше побарано мислење од Бирото за метеорологија и Македонската академија на науките уметностите (МАНУ).
Целата процедура околу изготвувањето на анализите беше обвиткана во тајност, а не многу вокални по ова прашање беа и од Бирото за метеорологија, МАНУ, но и од Министерството за економија.
До каде се со постапката и дали доставиле мислење до Министерството за економија, од Бирото за метрологија телефонски денеска само кусо ни одговорија дека анализата се прави во надлежното министерство.
„Анализата се прави во Министерството за економија во Секторот за внатрешен пазар“,
ни рекоа од Бирото.
Од Секторот за односи со јавност на Министерството за економија исто така не беа многу расположени да зборуваат на оваа тема.
„Единствено што можеме да ви кажеме е дека Владата ќе донесе одлука и тогаш ќе бидете известени за сите детали“,
ни рекоа од Министерството, со образложение дека не можат да ни дадат никакви дополнителни информации, ниту за прашањето дали се готови со анализите.
Од МАНУ не сакаа да коментираат воопшто, побараа да им оставиме контакт и најавија дека дополнително ќе нè побараат.
Неофицијално, дознаваме дека МАНУ го разгледала ова прашање и веќе испратила некаков допис до Министерството за економија.
Најавите дека е можно годинава земјава да го задржи летното сметање на времето дојде по владината седница одржана на 9 октомври.
„Се задолжува Министерството за економија да nаправи анализа за можноста за продолжување на примената летното сметање на времето и за истото во рок од седум дена да ја извести Владата“,
беше наведено нацрт-записникот од седницата.
Следниот ден, на 10 октомври, министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени, по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот согласно законот.
Премиерот Димитар Ковачевски истиот ден рече дека не би можел да каже каква одлука за сметање на времето ќе се донесе си додека не ги види анализите, но нагласи оти постои расположение за оставање на летното сметање на времето.
„Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот, не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има за оставање на летното сметање на времето но, да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука“,
рече Ковачевски.
Секои шест месеци во земјава, како и во другите земји од континентот граѓаните поминуваат низ ритуалот на поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред (ако станува збор за премин од змиско во летно сметање на времето) и еден час наназад (ако часовникот се враќа на зимско сметање).
Лани во март, кога се менуваше сметањето на времето од зимско во летно, оваа пракса требаше да прекине во земјите членки на Европската Унија, но тоа не се случи.
Имено, во 2018 година Европската комисија ги праша граѓаните на ЕУ што мислат на оваа тема. Резултатот од онлјан анкетата покажа дека 83 отсто од граѓаните на ЕУ се изјаснија за укинување на промената од зимско во летно сметање на времето. Учесниците во анкетата како причина за својот став да се укине промената на сметањето на времето наведуваа дека тоа им предизвикува здравствени проблеми.
„Промената на сметањето на времето ќе биде укината“,
објави во 2018 тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Европскиот парламент за тоа гласаше во 2019 година, а одлуката требаше да биде спроведена во 2021 година.
Оттогаш работите речиси мируваат. Топката е кај 27-те земји членки на Унијата кои мора да се усогласат и да кажат дали и во иднина работите ќе останат какви што се, или ќе се менуваат. Досега владите на земјите членки на ЕУ немаат заеднички став. Тоа ги лути и пратениците во Европскиот парламент. Неговата потпретседателка Катарина Барли, како што пренесе тогаш „Дојче веле“, за весниците од медиумската група „Функе“ изјави дека оваа тема е пример за тоа колку често законските иницијативи пропаѓаат во Советот на ЕУ и земјите-членки.
Летното сметање на времето за првпат било воведено во Германија во 1916 година, со цел работниот ден да се одвива што подолго додека е ден. Требало да се заштеди на струја. Другите земји го следеле примерот.
Оттогаш, на пролет ги поместуваме часовниците еден час напред, а на есен час наназад. Ноќта меѓу сабота и недела на 27 март, часовниците во два часот наутро се поместуваат на три часот.
Околу заштедата на енергија постојат различни примери и докази. Турција на пример во 2016 година воведе постојано летно сметање на времето, тврдејќи дека може да заштеди електрична енергија. Но, кога истражувачите ставиле сè на хартија, виделе дека ништо не е заштедено.
Министерство за енергетика САД пак вели поинаку. Во студија од 2008 година тие тврдеа дека за само четири недели од летното сметање на времето, САД заштедуваат 1,3 милијарда киловат-часа електрична енергија, што одговара на количината на електрична енергија што ја трошат 100 000 домаќинства за целата година.
Инаку, зимското сметање на времето е нормалното сметање на часовите, летното како што веќе наведовме е воведено главно од економски причини пред повеќе од 100 години.