Од Кривичен велат дека судот смета оти има опасност осомничените да избегаат, да влијаат на сведоците или да ја попречат истрагата, како и да го повторат делото
Деветтемина осомничени во случајот со шверцување прекурсори завршија во притвор откако оваа најстрога мерка вчера беше побара од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Меѓу нив се и двајца полицајци и петмина вработени во Царинската управа.
Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје за осум од осомничените одредил притвор во траење од 30 дена, а за еден осумдневен притвор, со оглед дека против него предлогот е поднесен во скратена постапка.
„Според решенијата за определување мерка притвор, судот сметал дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка односно дека кај осомничените постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да ја попречат истрагата и опасност да го повторат делото“,
соопштија од Основниот кривичен суд.
Против овие решенија осомничените имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд.
Акцијата за приведување и претреси беше спроведена вчера во Скопје и Куманово од страна на МВР, а под раководство на обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според вчерашното соопштение од Обвинителството, осомничените се товарат за делото криумчарење, а тројца и за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Двајцата осомничени полицајци, според истото соопштение, во два наврати требало да пренесат стока од скопскиот аеродром до зелениот појас на границата со Косово, а цариниците иако требало не направиле детален преглед на пратката.
Детали за случајот прочитајте ТУКА.