Осомничениот, како што велат од затворот, издржува мерка притвор од 30 дена, определена од судија на претходна постапка

Осомничениот за убиство од Општина Старо Нагоричане, 25-годишниот Т. Б. е сместен во казнено-поправната установа Затвор „Куманово“ (К‘шање), соопштија денеска од затворот.
Осомничениот, како што велат од затворот, издржува мерка притвор од 30 дена, определена од судија на претходна постапка.
„По приемот му е извршен лекарски преглед од страна на медицинско лице и е во добра здравствена состојба“,
соопштија од затворот.
Во следните денови, како што велат од Основното јавно обвинителство Куманово, ќе следува негова психијатриска процена од тим на експерти од Клиниката за психијатрија.
„Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали“,
велат од Обвинителството.
Инаку, вчера од Судска медицина информираа дека е завршена обдукцијата и на втората жена за која обвинителството минатата недела нареди ексхумација и обдукција, по убиството во Старо Нагоричане. Според директорот на Судска медицина, Александар Станков, станува збор за насилна смрт.
„Станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена за која обвинителството побара ексхумација“,
вели Станков.
Тој повтори дека примероци за ДНК-анализа се земени и од претходната жртва, повозрасната жена од село Челопек. Кај двете жени станува збор за насилна смрт.
ЈОРСМ, претходно соопшти дека „заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител и дека за една од потенцијалните жртви беше наредена ексхумација и обдукција“.
Од полицијата информираа дека го привеле 25-годишниот Т. Б. од село Малотино, Општина Старо Нагоричане, кој е осомничен дека на 12 февруари влегол во домот на 78-годишната М. С. во село Драгоманце, физички ја нападнал и ја задушил со перница по што таа починала на местото.
Полицијата информираше дека против него биле поднесени пријави за две тешки кражби од деловен објект и приватен имот и кражба од товарно моторно возило. Тој не бил корисник на ниту едно право од Центарот за социјални работи Куманово.
