Грчката полиција соопшти дека го утврдила движењето на осомничениот и неговиот соучесник во убиството на Халкидики. Оттаму соопштија дека во непроодна област во близина на вилата во која престојуваше сега убиениот македонски бизнисмен биле пронајдени пиштол со придушувач и шаржер, волнена капа и ракавици со траги од барут. Лабораториските анализи покажале дека пиштолот бил користен во конкретното кривично дело
Лицето што е осомничено за помагање на двојното убиство во „Шиша бар“ и во моментов е во притвор во земјава, во Грција е осомничено и за убиството на македонскиот бизнисмен Орхан Бајрами-Оки и ранувањето на неговиот пријател, исто така македонски државјанин, што се случи на Халкидики во јули минатата година.
Грчката полиција соопшти дека го утврдила движењето на осомничениот и неговиот соучесник во убиството на Халкидики. Оттаму соопштија дека во непроодна област во близина на вилата во која престојуваше сега убиениот македонски бизнисмен биле пронајдени пиштол со придушувач и шаржер, волнена капа и ракавици со траги од барут. Лабораториските анализи покажале дека пиштолот бил користен во конкретното кривично дело.

„По методична и детална истрага на полициските службеници, идентификуван е странски државјанин кој лани во јули заедно со неговиот соучесник пукал и смртно ранил странски државјанин, нивни сонародник и повредил уште еден сонародник, кои биле на одмор на Халкидики“,
соопшти грчката полиција.
Мотивот за убиството, според досегашните информации на полицијата на Грција, е поврзан со ривалство меѓу две криминални групи во С Македонија кои главно се занимаваат со трговија со дрога.
„Горенаведениот странски државјанин е уапсен и задржан во притвор во својата земја, како осомничен за негово учество во убиството на две лица, што се случи лани во март во нивната земја. Против него е распишана европска потерница и се преземаат потребните дејствија за негова екстрадиција во нашата земја“,
посочуваат од грчката полиција.
Оттаму додаваат дека продолжува истрагата за идентификување на преостанатите соучесници или други лица инволвирани во случајот.
Македонскиот бизнисмен Орхан Бајрами-Оки и неговиот пријател Сеад Слезовиќ беа цел на вооружен напад рано утрото на 15 јули минатата година во вила на Халкидики. Тие беа нападнати во внатрешноста на објектот од страна на две маскирани лица кои дошле до вилата со мотоцикл. Се приближиле до објектот, кој Оки го изнајмувал заедно со пријателите, и испукале најмалку 19 куршуми. Во пукањето загина 39-годишниот Орхан Бајрами-Оки, а неговиот 45-годишен пријател, исто така македонски државјанин, се здоби со повреди.