Изворите од американските истражни органи не дале повеќе детали околу идентитетот на осомничениот, како и за тоа зошто сметаат дека двата случаи, пукањето на Универзитетот и убиството на професор на МИТ, се можеби поврзани
Осомничениот за масовното пукање што минатиот викенд се случи на Универзитетот „Браун“ е пронајден мртов, изјавиле извори од обвинителството на САД, додавајќи дека во меѓувреме продолжува истрагата која треба да утврди дали истото лице е извршител на убиството на професор на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) два дена по нападот во „Браун“.

Дека осомничениот за пукањето на Универзитетот „Браун“ е мртов, потврдиле и други двајца претставници на федералните власти на САД. Неговото тело било пронајдено во магацин во областа Салем, оддалечена околу 30 километри од центарот на Бостон, каде вчера вечер се појавиле голем број полициски екипи во врска со истрагата за пукањето „Браун“, пренесуваат светските агенции.
Изворите од американските истражни органи не дале повеќе детали околу идентитетот на осомничениот, како и за тоа зошто сметаат дека двата случаи, пукањето на Универзитетот и убиството на професорот на МИТ, се можеби поврзани.
Во понеделникот (15 декември), 47-годишниот професор на МИТ, Нуно Луреиро беше смртно застрелан во својот дом во предградие на Бостон, оддалечено околу 80 километри од универзитетскиот кампус на „Браун“.
Официјален претставник на Федералното истражно биро (ФБИ), оваа недела изјави дека властите не веруваат дека постои врска помеѓу пукањето во „Браун“ во саботата и убиството на професорот на МИТ. Според информациите, професорот Луреиро бил член на одделите за нуклеарна наука, инженерство и физика, како и на Центарот за наука за плазма и фузија на МИТ.
Истражителите во Провиденс изјавија дека осомничениот за пукањето на Универзитетот „Браун“ побегнал пеш во блиските улици, поради што била организирана потера, која во голема мера се потпирала на снимки од домашни безбедносни камери поради недостаток на камери за надзор во објектот и околното подрачје.
Полицијата објави слики и видео од маскиран маж за кој се верува дека е напаѓачот и постојано бараше помош од јавноста за негово идентификување. Снимките го прикажуваат осомничениот како шета низ блиската населба пред и веднаш по нападот, вклучително и кога полициските автомобили пристигнале на местото.
„Тој може да биде било каде“,
изјави во средата началникот на полицијата во Провиденс, Оскар Перез, додавајќи дека властите првично не го знаат идентитетот или мотивот на осомничениот.

Полицијата, исто така, објави слики од друг неидентификуван маж виден во близина на областа, велејќи дека сакаат да разговараат со него како потенцијален сведок кој би можел да има релевантни информации. Еден ден по пукањето властите објавија дека едно лице е притворено, но подоцна соопштија дека тоа е пуштено на слобода откако било утврдено дека не е поврзано со нападот.
Инаку, во нападот на Универзитетот „Браун“ беа убиени двајца студенти.
