За Македонија, како што рече претседателката на Комората, таа значи потенцијал за привлекување нови инвестиции, создавање квалитетни работни места и забрзување на технолошкиот развој, за Швајцарија, пак, диверзификација и зајакнување партнерства во регион кој е сè поважен за економската иднина на Европа
Попладнево во Скопје беше промовирана Швајцарската комора на Северна Македонија – СвисЧам МК (SwissCham MK), како нова платформа за економска соработка и деловно вмрежување меѓу двете земји.
Основањето на оваа комора, како што беше кажано на свечениот настан по повод нејзината промоција, е резултат на повеќегодишна иницијатива на водечки компании и институционална поддршка од Швајцарската амбасада, со цел создавање стабилна и доверлива деловна заедница, заснована врз препознатливите швајцарски вредности.

На настанот свои обраќања имаа амбасадорот на Швајцарија во земјава Кристоф Зомер, претседателката на Комората, Соња Стефановска, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски.
Претставувајќи ја новата Комора, нејзината претседателка Соња Стефановска рече дека институционализирањето на оваа иницијатива трае повеќе од три години, а на неа работеле одредена група компании во Македонија со швајцарски корени.
За Македонија, како што рече таа, оваа Комора значи потенцијал за привлекување нови инвестиции, создавање квалитетни работни места и забрзување на технолошкиот развој, а за Швајцарија, пак, диверзификација и зајакнување партнерства во регион кој е сè поважен за економската иднина на Европа.

„Се надеваме дека Комората ќе биде мост кој ќе гради партнерства и ќе му помогне на нашето стопанство да оствари подобри врски меѓу бизнисите и институциите, градејќи партнерства засновани на квалитет, прецизност, интегритет и транспарентност. Самото присуство денеска на повеќе од 70 компании кои се основачи на Комората е доказ за очекувањата за нејзините големи успеси. Во следните месеци заедно ќе работиме на реализација на акциски план“,
рече таа.
Посочи дека за реализација на планот ќе соработуваат и со неколку швајцарски комори.
Швајцарскиот амбасадор во земјава Кристоф Зомер рече дека Комората ќе придонесе за зајакнување на економското партнерство и на долгогодишната соработка помеѓу двете земји.
„Швајцарија и Северна Македонија веќе имаат силни економски врски. Повеќе од 100 швајцарски компании работат во оваа земја, создавајќи работни места, инвестирајќи во иновации и придонесувајќи кон локалната економија. Преку оваа Комора создаваме платформа што ќе ги претвори постоечкиот интерес во конкретни партнерства и нови можности за раст“,
вели амбасадорот.
Според него, иницијативите како СвисЧам МК можат да обезбедат платформа за компаниите да се сретнат, да разменуваат мислења и идеи и да градат партнерства.
„Уште една важна предност во нашите односи е дијаспората од Северна Македонија во Швајцарија. Повеќе од сто илјади луѓе со корени од оваа земја придонесуваат за швајцарското општество како претприемачи, професионалци и иноватори. Тие формираат силен човечки мост меѓу нашите две земји. Швајцарската стопанска комора може да помогне уште повеќе да се зајакне овој мост“,
кажа тој.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски рече дека оваа Комора што ја формираат повеќе компании со швајцарско потекло, а ги има околу стотина во земјата, ќе придонесе за зајакнување на економските врски меѓу двете земји. Таа, како што додаде, ќе овозможи подобра комуникација на информации, поддршка за нови деловни иницијативи и развој на заеднички проекти.
„Соработката меѓу Македонија и Швајцарија се одвива успешно. Секоја година имаме пораст и на странските инвестиции и во трговската размена, но потенцијалите за зголемување се пред нас. Надежите се дека оваа Комора ќе придонесе и за швајцарските инвестиции во Македонија, но и за промоција на македонскиот извоз. Швајцарија е една од државите која е напредна во делот на иновациите и во делот на ИТ-технологиите. Ова е можност фирми од Швајцарија, но и од Македонија да ја зголемат соработка и да придонесат во развој на билатералните односи“,
кажа заменик-министерот.
Според него, Швајцарија е еден од најголемите партнери на нашата земја уште од 1992 година, а долгогодишниот однос игра клучна улога во европските интеграции и спроведувањето на реформите.
„Швајцарските компании се препознатливи по високите стандарди на квалитет, иновации и технолошка извонредност, додека ние нудиме стабилна деловна клима, квалификувана работна сила и стратешка позиција во регионот. Во таа насока, ваквите коморски здружувањата играат клучна улога во приближувањето на бизнис-заедниците и во создавањето нови можности за инвестиции и трговија“,
нагласи Димитровски
Во време на глобални економски трансформации, како што додаваат од Комората, СвисЧам МК се позиционира како стратешка иницијатива што обединува клучните принципи на современото деловно опкружување.
Меѓу компаниите членки на СвисЧам МК се „Баумер“, „Макстил“, „Ронтис“, „Медитераниан шипинг компани“ и „Пакомак“.
