„Бионтек“ се надева дека ќе почне нова производна линија во Марбург, Германија во февруари, каде ќе може да се произведат 250 милиони дози во првата половина на 2021 година
Германската компанија „Бионтек“ работи со својот партнер „Фајзер“ на зголемување на производството на нивната вакцина против ковид-19, соопштија нејзините основачи, предупредувајќи дека ќе има празнина во снабдувањето се’ додека не почне испораката на други вакцини.
„Во моментов (ситуацијата) не изгледа добро – се појавува ‘дупка’, бидејќи недостасуваат други одобрени вакцини и ние мора да ја пополниме празнината со наше производство“,
изјави директорот на „Бионтек“, Угур Сахин, за неделникот „Шпигел“.
Сахин е основач на „Бионтек“ со неговата сопруга Озлем Туречи, која е главен медицински директор на компанијата.
САД порачаа 600 милиони дози од оваа вакцина во јули, додека ЕУ чекаше до ноември кога се порачани половина од оваа количина.
„Во еден момент стана јасно дека доставувањето на вакцините нема да може да оди толку брзо“,
изјави Туречи за „Шпигел“.
Според неа, во тоа време веќе било доцна за нови нарачки.
„Бионтек“ се надева дека ќе почне нова производна линија во Марбург, Германија во февруари, каде ќе може да се произведат 250 милиони дози во првата половина на 2021 година.
Околу 50 земји започнаа вакцинација против новиот коронавирус, една година откако кинеските власти го уклучија алармот во Светската здравствена организација. Во најголем дел од нив се користи вакцината на „Фајзер/Бионтек“ која прва доби одобрување за користење.