Покрај билатералните односи, една од централните теми на средбите е обезбедување поддршка за имплементација на одлуката на Советот на ЕУ, од март минатата година, за почеток на преговорите
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, од утре започнува нова европска турнеја во неколку значајни метрополи – Берлин, Копенхаген и Стокхолм, како дел од поширока дипломатска активност за актуализација на европското досие на земјава пред земјите-членки на ЕУ, соопшти МНР.
Од утре, Османи е во посета на Сојузна Република Германија, на средби со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и so државниот министер за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе оствари средби и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и комисии во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.
Од Берлин Османи во вторник заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.
Дипломатската турнеја на Османи продолжува со работната посета на Стокхолм, в среда, каде што ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.
Во Стокхолм Османи е предвидено да оствари посета и на шведскиот парламент – Риксдаг, каде ќе има средби со потпретседателките на парламентот, Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на министерот, во рамките на посетата на Шведска, се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на премиерот, Ловен, како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.
Како што велат од МНР, покрај билатералните односи, меѓу централните теми на средбите ќе биде европското досие на земјава и обезбедување поддршка за имплементација на одлуката на Советот на ЕУ, од март минатата година,за почеток на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.