Бгнес информирајќи за средбата на шефицата на бугарската дипломатија Захариева со Бучковски објави вест дека Бугарија предложила акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка
„Тоа што денеска, пред еден час го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план и наредниве денови треба да го разгледаме внимателно, да видиме што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, појасна позиција ќе имаме откако ќе го разгледаме, но се работи за одговор на нашиот Акциски план“,
рече вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за Телма, откако вечерва агенцијата Бгнес објави вест дека Бугарија предложила акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, информирајќи за средбата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева со специјалниот претставник на македонската Влада Владо Бучковски.
Акцискиот план, како што посочи, го предложил на неговата прва посета во Софија како начин да се воспостави прецизна агенда помеѓу линиските министерства во нивната соработка за потоа да го предложат како конкретен план на задачи и активности откако направиле внатрешна координација со сите министерства за сите проекти кои се во тек, се закочени или се планираат.
„Бевме договорени дека Република Бугарија ќе одговори на тој наш акциски план. Јас имав комуникација минатата недела со министерката за надворешни работи Захариева и бев во очекување на нивниот одговор“,
рече Османи.
Говорејќи за улогата на специјалниот претставник Бучковски, Омани рече дека тој треба да има постојана комуникација со Република Бугарија, дека не се работи за ништо невообичаено, и дека сето тоа е на линија на ставот дека сите прашања ќе ги решат преку дијалог и отворен и чесен пристап и разговор.
Претходно, од македонското МНР, во соопштението за посетата на Бучковски на Софија, нагласија дека, „при крајот на годината е доставен акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што, во разговор меѓу министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева, беше договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози“.
„Низ текот на редовната комуникација меѓу двете страни има континуирана размена на мислења и на идеи, двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија“,
посочија од македонското МНР.