Предложено е разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и на министерот за здравство Фатмир Меџити. Одлуката за ваквиот предлог, како што соопштија од Алијанса, е донесена од страна на кадровската комисија на партијата со мнозинство гласови од вкупниот број членови
Владата не именува и разрешува министри, туку Собранието. Доколку има барање на кој било од коалициските партнери, тоа се адресира до премиерот и потоа премиерот носи одлука дали тоа ќе го пренесе до Собранието и Собранието на крај носи одлука за одредени кадровски решенија во Владата. Ова е одговорот на министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање, дали до Владата пристигнало барање за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација.
„Нашите министри се именуваат и разрешуваат во Собрание. Ако има нешто такво, се информира премиерот и тој е тој што треба да го информира Собранието за таквите одлуки ако има такво барање од некоја партија која е коалициски партнер“,
истакна Османи.
На прашањето, пак, дали ќе биде кандидат за претседател на државата, Османи одговори дека тоа се партиски одлуки.
„Тоа се партиски одлуки, не сме разговарале за ова“,
нагласи шефот на дипломатијата.
По низата превирања во Алијанса за Албанците, кои освен меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, направија раздор и меѓу министрите од оваа партија, од Алијанса информираа дека до премиерот ќе предложат разрешување на двајца од тројцата министри кои оваа партија ги има во Владата.
Предложено е разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и на министерот за здравство Фатмир Меџити. Одлуката за ваквиот предлог, како што соопштија од Алијанса, е донесена од страна на кадровската комисија на партијата со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.