На самитот ЕУ-Балкан закажан за 6 октомври во Словенија, ЕУ планирала да ја повтори недвосмислената поддршка за европска перспектива на земјите од Западен Балкан, но меѓу земјите членки сè уште нема согласност околу оваа формулација
Министерот за надворешни работи вели дека охрабрувачка е посетата на претседателката на ЕК и нејзината поддршка за проширувањето на ЕУ
Сè додека доаѓа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и вели дека поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е недвосмислена, ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме и докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи коментирајќи ја наводната нацрт-декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ закажан за 6 октомври, во која се тврди дека ЕУ „веќе не може да се усогласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“.
„Во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо, се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот ‘проширување’ треба да стои во тој документ. Некои тоа го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново. Други го интерпретираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан“,
објасни Османи, во изјава за „Утрински брифинг“.
Но, според него, без разлика за која варијанта и да станува збор, пораката не е добра во однос на едногласноста на ЕУ во односот кон Западниот Балкан, што сепак, како што вели, но не е ништо ново.
„Има земји членки што сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може да дојдат да се зачленат уште шест нови земји членки, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари“,
потенцира Османи.
Но, сепак, вели дека е добро што на Самиот во Брдо кај Крањ на иста маса ќе седнат челниците на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан и повторно ќе се разгледуваат перспективите на регионот. Тој нагласува дека без разлика на некои делови од нацрт-резолуцијата, сепак, во неа се посочува оти ЕУ е посветена на членство на регионот и дека таа опција е без алтернатива.
„Сè додека доаѓа Фон дер Лајен во Скопје и вели дека недвосмислена е поддршката ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме, докажеме и да ги убедиме дека ние заслужуваме да бидеме таму, бидејќи тоа не ни следува по по правило“,
потенцира Османи.
„Ројтерс“ објави текст во кој пишува дека во декларацијата за Самитот ЕУ-Балкан, закажан на 6 октомври во Словенија, ЕУ планирала да го повтори ветувањето дадено пред 18 години (н.з. на Самитот во Солун) за недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. Притоа, „Ројтерс“ имал увид во нацрт-декларацијата.
Плашејќи се од политички реакции во земји членки, Европската Унија веќе не може да се усогласи за да гарантира идно членство на шесте балкански земји, јавува „Ројтерс“ повикувајќи се на четворица дипломати.
„Поминаа најмалку две рунди преговори, но нема договор“,
велат дипломатски извори за „Ројтерс“.
Членките не ги откриваат своите позиции по ова прашање, но според дипломатите, богатите земји, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на брза интеграција како таа на Бугарија и Романија во ЕУ во 2007 година. Но, стравуваат и од лошо менаџирање на миграцијата на работната сила, како таа кон Велика Британија, што доведе до тоа многу Британци да бидат против ЕУ.
Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спорот за јазикот, пишува „Ројтерс“. Но, дури и да има некаков договор, лошата состојба ја одразува парализата на планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, но и трговија и помош.