На прашањето дали е реално да се очекува дека во декември би се одржале првите меѓувладини конференции, Османи нагласува дека се надева оти Бугарија размислувајќи за кредибилитетот на ЕУ, ќе го тргне ветото
Зборувајќи и за ситуацијата во регионот, конкретно во Босна и Херцеговина и за односите Србија-Косово, министерот посочува дека тие тешки прашања не може да се решат ако прво не се реши перспективата на Северна Македонија и Албанија
Отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе ѝ овозможи на ЕУ да го задржи кредибилитетот во регионот. Тоа е најевтиниот начин Европа да остане активна на Западен Балкан.
Вакви пораки испраќа шефот на дипломатијата Бујар Османи, во интервју за „Агенција Европа“, направено за време на работната посета на Брисел.
Коментирајќи ја заедничката изјава на премиерот Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија во која тие повикуваат на поголема соработка со ЕУ додека за чека за влез Унијата, министерот Османи порачува дека треба да се одвојат почетокот на пристапниот процес и неговиот конечен исход бидејќи почетокот преговорите се тие кои се најважни во овој момент затоа што ја европеизираат земјата-преговарач.
„Некои погрешно го гледаат ова како еден неподелен процес. Започнувањето на процесот е најевтиниот начин за Европа да биде активна и ангажирана во регионот. Го чува регионот, го заштитува од надворешни влијанија, но истовремено не значи дека сите земји што ќе ги започнат пристапните преговори ќе станат земји-членки. И во тоа, мислам, лежи проблемот. Стравот кај Европејците е дека земјите кои не се подготвени да ви се придружат ќе дојдат и дополнително ќе го комплицираат и онака комплицираниот систем на Европската унија. На нашиот народ не им е гајле за правото на вето во идната ЕУ или да имаат уште еден политичар, односно комесар, она за што се грижиме е мобилноста, пристапот до образование, заеми и средства“,
вели Османи додавајќи дека конечниот исход ќе дојде како логичен чекор кога земјите ќе станат европски.
Затоа, нагласува министерот, формалното пристапување ќе биде помалку важно и за Европа и за нас.
На прашањето дали е реално да се очекува дека во декември би се одржале првите меѓувладини конференции, Османи нагласува дека се надева оти Бугарија размислувајќи за кредибилитетот на ЕУ, ќе го тргне ветото.
„Дваесет и шест земји се залагаат за одржување на Првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро за Албанија и Северна Македонија, а Бугарија стави вето поради разликите што ги имаме. Се надевам дека по конструктивниот ангажман што го покажавме во овој период, а исто така размислувајќи за последиците по кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, Бугарија ќе го тргне ветото и би можеле да го започнеме овој долг процес за членство во ЕУ, што е еден од нај контролираните процеси. Така, Бугарија ќе продолжи да ја има својата моќ над процесот“,
вели министерот.
Османи во интервјуто нагласува и дека ЕУ е во процес на губење на кредибилитетот во земјава и регионот, а лакмусов тест за тоа е досието на Северна Македонија.
„Северна Македонија ги исполни сите можни критериуми, па дури и отиде подалеку, а ова досие не беше признаено и наградено. Значи, во очите на граѓаните од регионот, ако не ни функционираше нам, зошто би им успеало на нив?“,
вели Османи.
Зборувајќи и за ситуацијата во регионот, конкретно во Босна и Херцеговина и за односите Србија-Косово, министерот посочува дека тие тешки прашања не може да се решат ако прво не се реши перспективата на Северна Македонија и Албанија.
„Она што ни дава одредена доверба е дека три од шесте земји во регионот се веќе членки на НАТО, а НАТО обезбедува политичка стабилност и предвидливост. Но, мислам дека не можеме да ги решиме тешките прашања на Босна и односите меѓу Косово и Србија без претходно да се занимаваме со перспективата на Албанија и Северна Македонија за Европската Унија. Особено Северна Македонија е клучот за отклучување на кризата во Западен Балкан. Кога земјите од регионот ќе видат дека оваа функционална, мултиетничка демократија е успешна, ќе тргнат по тој пат“,
одговара министерот.
Тој вели и дека ЕУ сноси дел од одговорноста за случувањата во регионот и порачува дека одговорност на Унијата е да ги собере силите и да оди на страната на европската стабилност.