„Успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација, на стабилизација и на зголемување на стандардот на граѓаните“, вели Османи
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи даде отчет за сработеното во првите две години од неговиот мандат. На прес-конференција во Министерството за надворешни работи рече дека од почетокот на неговиот мандат неговата институција се фокусирала на пет приоритети.
Трите клучни постигнувања во овие три години, според министерот за надворешни работи, се усвојувањето на преговарачката рамка, не внесувањето на историските прашања во пристапниот процес и безусловна прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Европската унија.
Османи вели дека односите со Бугарија се најголемиот предизвик на МНР, но, кажа дека успеале да постигнат неколку клучни резултати кои се особено важни во односите со Софија.
„Тоа што сметам дека е најважно што го постигнавме е, дојдовме во ситуација Република Бугарија, односно владата на Република Бугарија да ја поништи озогласената рамковна позиција на Република Бугарија по однос на европските перспективи на Република Северна Македонија. Која што беше озогласена не само по однос на тонот и навредливоста кон важните вредности за нас, туку имаше и одредени цели, односно навреди во тој процес, а тоа е македонскиот јазик во ниту една ситуација или контекст да биде дел од преговарачката рамка. И второ, да има 35 поглавје со историските прашања како одредници за отворање и затворање поглавја, односно за прогрес во пристапниот процес. Најважно е таа рамковна позиција на владата се поништи, а потоа следеше и поништување на Декларацијата на бугарското Собрание која што беше донесена со консензус која што го рефлектираше духот на Рамковната позиција и беше основата на ветото што Република Бугарија го постави кон Република Северна Македонија“,
рече Османи, додавајќи дека ова не се случило случајно, туку по низа активности на МНР и партнерите.
Како еден од успесите во односите со Бугарија, Османи го оцени одржувањето на втората меѓувладина седница со Софија, нешто што е обврска од Договорот за добрососедство.
„Тоа заживување на билатералната патека со Република Бугарија го овозможи и т.н. Француски предлог кој што беше основа за почеток на преговори на Република Северна Македонија. Францускиот предлог, инаку, не беше нов предлог, туку беше надоградување на претходните обиди на три претходни претседателства, вклучувајќи ја и Европската комисија и тоа е едно решение кое што беше прифатено од двете страни“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата е убеден дека направиле добра и стратешка одлука за која вели, времето ќе покаже дека било така.
„Успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација, на стабилизација и на зголемување на стандардот на граѓаните“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата вели дека скрининг процесот почнува за две недели со првиот кластер фундаменти. Според него, токму скринингот е еден од најсуштинските елементи на преговорите.
„Скринингот ги утврдува патоказите. После поглавјата се само имплементација“,
појаснува Османи.
Вели дека она што Софија го добила во процесот е условена втора меѓувладина конференција со уставните измени со кои Бугарите ќе треба да се внесат во Уставот на Северна Македонија.
За односите со Грција Османи вели дека успеал да ги одржи добри, посочувајќи дека такви и ги наследил уште при преземањето на функцијата.
„Грција остана еден од најсилните поддржувачи на Република Северна Македонија по однос на европските интеграции. Меѓутоа, правиме и конкретни активности во интерес на економиите на двете држави, таму има два нови гранични премини. Имаме пристап, влегуваме во терминалот за природен гас во Александропулос, овозможуваме диверзификација на енергијата, да не зависиме само од рускиот гас, туку да можеме да имаме извори на енергија, што посебно во вакви услови е исклучително важно“,
рече Османи.
Посочи дека односите со Албанија и Србија влегуваат се зајакнати благодарение на Иницијативата „Отворен Балкан“. Шефот на дипломатијата потсети и на решавањето на спорот со Србија во однос на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
За односите со Косово рече дека на меѓувладината конференција потпишани беа 11 нови договори со што бројот на билатерални договори со оваа држава пораснал на над 40.
Османи вели дека на 2 јуни ќе биде запаметен како историски ден за односите со Соединетите Американски Држави.
„2 јуни во Вашингтон на средба со Блинкен, Република Северна Македонија прва во регионот отвори стратешки дијалог со САД. Што е и признание на постигнувањето, односно правецот кој го има државата и се разбира и нов паритет во односите со САД. Резултатите веќе се гледаат од тој стратешки дијалог. Имаше нови средства од Стејт департментот за владеење на право, нови средства за културна соработка со САД, во одбранбената соработка исто така“,
појаснува Османи, додавајќи дека наскоро ќе биде презентиран и акцискиот план за односите со Вашингтон.
Третиот приоритет на МНР во изминатите две години е проактивната улога во НАТО, особено по руската инвазија во Украина.
„Република Северна Македонија беше единствената земја во регионот освен Србија која што немаше усогласено надворешно-безбедносна политика со Европската Унија пред овој мандат на Министерството за надворешни работи. Сега имаме стопроцентно усогласување на надворешната политика со таа на ЕУ“,
рече Османи.
Четвртиот приоритет, според Османи, е мултилатералната проактивност на Северна Македонија.
„Круна на тоа постигнување е нашето претседавање со ОБСЕ. ОБСЕ е најголемата регионална безбедносна организација која што се опфаќа три континенти“,
рече Османи, појаснувајќи дека тоа ќе се случи во текот на целата 2023 година.
Последниот приоритет на мандатот на Османи е економската дипломатија, односно наоѓање на странски инвеститори и наоѓање на нови пазари за домашните производители.
„Почнавме со пилот проект. Четворица економски промотори. Имаат остварено над 1.000 средби во оваа година. Имаат донесено бројни компании на посета во Република Северна Македонија. Дел од нив решија и да инвестираат“,
рече Османи.
Прашан што за него е најголемиот неуспех на македонската дипломатија, Османи вели дека во последните две години направени се чекори за сите пет приоритети на МНР кои беа поставени по неговото преземање на функцијата.
„Еве можеби малку касниме, неколку месеци, со еден проект кој што ми е многу важен, а тоа електронскиот конзулат или е-конзулат. Со него сакаме дипломатските услуги кои ги даваме по дипломатско-конзуларните претставништва да ги даваме електронски за да граѓаните не се малтретираат да патуваат стотици километри до амбасади за одреден документ. Го работиме, но секогаш таквите проекти земаат многу време“,
рече Османи.