Потребно е луѓето повторно да ја добијат својата слобода на движење како основно човеково право, а претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе ги вложи сите напори за да им помогне на директно загрозените од конфликтот, потенцирал Османи

Жално и неприфатливо е во 21 век слободата на движење на луѓето во Одзиси да е целосно блокирана со ѕид на раздвојување, истакна министерот за надворешни работи во улога на претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, кој денеска оствари теренска посета на преминот Одзиси, Грузија каде што имаше можност да ги види ефектите врз населението кое е поделено како резултат на конфликтот од 2008 година.
„Луѓето овде немаат можност да ги посетат своите роднини и пријатели, да го користат земјоделското земјиште, тие се лишени од можноста да ги посетуваат верските објекти. Ваквата состојба е неодржлива и спротивна на основните принципи на ОБСЕ и на цивилизациските идеали“,
изјавил тој.
Османи, како што се наведува во соопштението од МНР, повикал на што побрзо отворање на премините, особено во пресрет на велигденските празници.
„Потребно е луѓето повторно да ја добијат нивната слобода на движење како основно човеково право, а претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе ги вложи сите напори за да им помогне на директно загрозените од конфликтот“,
потенцирал Османи.
Посетата на Одзиси, Османи ја оствари во придружба на мониторинг-мисијата на ЕУ која работи на терен во изминатите 15 години заедно со претставниците на ОБСЕ, особено во превенирањето на нови тензии и олеснување на враќањето во безбеден и нормален живот.
Од Одзиси, Османи заминал кон Тсеровани, каде што се наоѓа заедница на внатрешно раселени лица по конфликтот од 2008 година и каде Османи ги слушна нивните приказни и понуди поддршка за подобрување на нивниот секојдневен живот.
„Ве уверувам дека како Претседавач со ОБСЕ заедно со нашите партнери ќе направиме сè што е во нашата моќ за да ја подобриме состојбата на сите раселени и маргинализирани лица како и на семејствата на исчезнатите“,
кажал Османи.
Тсеровани се наоѓа недалеку од Тбилиси и претставува една од најголемите населби формирани од страна на грузиските власти за згрижување на внатрешно раселените лица кои биле принудени да ги напуштат своите домови по конфликтот во 2008.
Во својство на Претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи вчера во Грузија се сретна со министерот за надворешни работи на земјата, Илиа Дарчиашвили, како и со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили.
Османи на средбите нагласил дека како Претседавач, Северна Македонија се стреми кон мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтите што ја засегаат Грузија, алудирајќи на продолжување на адресирањето на овие прашања во рамки на клучните дипломатски канали за дијалог кои се под заедничко раководство на ЕУ, ОБСЕ и ОН.