За постигнување на оваа цел, рече шефот на македонската дипломатија, истовремено е потребно да се создава атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои среде Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Исто така, потребна е помош и од Европската Унија за да му се даде кредибилитет на целиот процес и да можат граѓаните да ги почувствуваат придобивките и пред самото членство во ЕУ
Тој рече дека и во земјава има сериозни политички партии кои ги негираат основните столбови на државата – меѓуетничките односи, Рамковниот договор, Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија и порача дека мора да излеземе од тој вициозен (злонамерен) круг и да дадеме пораки како државници, а не како политичари
Она што ги разликува државниците од политичарите е тоа што првите мислат за идните генерации, а другите само на следните избори, рече шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во своето обраќање и дискусија на денешната седница на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, на чија агенда беше европското досиe на С Македонија.

Ваквата парадигма Османи ја истакна говорејќи за предзвиците со кои во моментов се соочува С Македонија на патот кон Европската Унија и претстојните уставни измени за вметнување на бугарската заедница во Уставот.
Во тој контекст, министерот за надворешни работи рече дека нашата држава има цел да изгради совршен однос кон сите заедници без разлика на нивната бројност, каде што сите граѓани без разлика на својата етничка припадност ќе имаат ист третман.
„Договорот со Бугарија и договорот со Грција и Охридскиот рамковен договор се трите столба на евроатлантска Северна Македонија. И јас се гледам себеси како чувар на трите договори. Јас уште еднаш пружам рака дека во Северна Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројни“,
рече Османи.
Сепак, за да се постигне тоа, рече шефот на македонската дипломатија, истовремено е потребно да се создава атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои сред Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
„Ни треба поддршка, ни треба амбиент, не ни требаат полтичари кои и кај нас и во нашето соседство, кои на сметка на дневната политика ќе ги провоцираат или ќе ги искористат овие столбови на евроатлантска Северна Македонија. За жал, досега гледавме такви работи, политичари кои ја провоцираа јавноста додека сè уште беше трауматизирана, додека сè уште беше под емоции и раздразлива, за да извлечат некој политички поен повеќе. Апсолутно бројноста нема да ни биде разлика за односот кон заедниците, но ни треба заеднички да изградиме такво општество во амбиент во кој државата нема да биде провоцирана, во кој нема да има политичари кои ќе дојдат во Скопје, ќе го негираат иднетитетот (на Македонците), ќе го негираат јазикот, бидејќи тогаш се создава таква атмосфера во која нема да можете да продолжите на патот кој сте го зацртале. Но, останувам и уште еднаш ја праќам пораката во име на Владата, во име на државата, дека секој граѓанин, секоја заедница ќе има ист третман во ова наше функционално мултиетничко општество“,
кажа Османи.
Уставните измени, за кои денеска почна институционалната расправа во рамките на работната група на Министерството за правда, рече Османи, ќе значат и формално можност за интегрирање на бугарската заедница.
„Еве денеска почнува првата седница на Комисијата за уставни измени и со тоа почнува јавната дебата за уставните измени. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон Европската Унија. Но, тоа нема да можеме да го направиме сами. За тоа ќе ни треба поддршка од вас (ЕУ) во смисла на вбризгување на кредибилитет во процесот. Луѓето почнуваат да веруваат дека нема сериозна намера овој процес да заврши успешно и тоа додава на фрустрациите. Луѓето не веруваат дека во Бугарија има искрени намери да се интегрира бугарското општество, туку мислат дека тоа е обид индиректно да се негира македонскиот народ. Мора тоа јавно да им се каже на луѓето за да се расчистат тие дилеми. Овој процес мора да биде кредибилен – дека ќе има членство, дека до членството граѓаните ќе ги почувствуваат бенефитите од Европската Унија, од реформите, од финансиската поддршка“,
рече шефот на македонската дипломатија.
За жал, рече Османи, во земјава има политички структури кои во овој момент ги напаѓаат основните столбови на оваа држава – меѓуетничките односи, Рамковниот договор, Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.
„За жал, тоа се сериозни политички партии во Република Северна Македонија и затоа ќе треба да го прекинеме овој вициозен круг во кој сме влезени и да дадеме пораки како државници дека нам ни е важно како ќе бидат иднините генерации, а не какви ќе бидат идните избори“,
порача Османи.