Соработка во цивилната заштита, на дипломатските академии и меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“, продлабочување на политичкиот дијалог во различни области, како и Акцискиот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратегиско партнерство…
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска е во работна посета на Грција, на покана на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.
Работната посета, Османи ќе ја започне со приемот кај грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, по што ќе се сретне со Дендиас, со кого, како што соопшти МНР, ќе разговараат за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог во различни области, како и Акцискиот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратегиско партнерство (Преспанскиот договор).
Од Министерството за надворешни работи на Грција, како што јави МИА од Атина, соопштуваат дека фокусот на разговорите ќе биде на прашањата поврзани со билатералните политички и економски односи, вклучително и соработката за справување со последиците од пандемијата, како и теми од регионален интерес со акцентот на европската перспектива на Западен Балкан.
Шефовите на дипломатиите на двете земји ќе потпишат и три меморандуми за соработка: едниот ќе биде за цивилна заштита, другиот за соработка на дипломатските академии и третиот меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.
По потпишувањето на меморандумите, ќе следува и прес-конференција во грчкото МНР на шефовите на двете дипломатии.
Османи ќе се сретне и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Варвициотис, додека пак еднодневната работна посета на Атина ќе ја заврши со средба со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис.
Во рамките на останатите средби со претставниците на државниот врв, според нашето МНР, ќе бидат отворени темите за унапредување на економско-трговската соработка меѓу двете земји, стратегиските проекти за поврзување со гас и со гориво, како и учеството на Северна Македонија во гасниот терминал „Александрополис“ во Грција.
На средбите ќе стане збор и за политичките актуелности во регионот и регионалната соработка, особено за неговата европска и евроатлантска перспектива и поддршката што Грција ѝ ја дава на Северна Македонија во тој контекст, стои во соопштението на МНР.