Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине секаква комуникација со власта, вклучувајќи ги и разговорите за уставните измени, е многу лоша и непромислена, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. Со ваквата одлука, според Османи, опозициската партија уште еднаш потфрли и покажаа дека ниту сака ниту има намера некогаш да се соочи со кој било предизвик на државата. Османи најави дека тој сепак ќе продолжи да комуницира со ВМРО-ДПМНЕ:
„Очекувам да работиме до последниот ден со партијата. Мислам дека е почесно така и од наша страна и покоректно за граѓаните барем еднаш една одлука да донесеме заеднички. Но, ако тоа не дава плод, ние мора паралелно да работиме и со пратеници кои не сакаат да бидат заложници на амбициите и сакаат да поддржат европска перспектива на државата преку имплементирање на нашиот интерес“,
вели Османи.
Што се однесува на бројот пратеници кои би ги гласале уставните измени, Османи очекува дека ќе биде поголем од неопходниот зашто, според Османи, пратениците се сè посвесни дека уставните измени се во интерес на државата, како и дека ваква втора шанса земјава веќе нема да добие. Османи изрази убедување дека има свесни пратеници кои тоа го кажуваат постојано во своите внатрешни дебати и дека процесот ќе биде успешен.
„Уште еднаш со своја уста потфрлија, покажаа дека ниту сакаат ниту имаат намера некогаш да се соочат со кој било предизвик на државата. Единствено им е важно да разговараат за избори, власт и моќ. И тоа е жално во овие моменти. Дури успеаја, како во ретко која земја во светот, десницата да се препознае како антоним на евроатлантската интеграција. Секаде десницата е носител на евроатлантската интеграција, само кај нас е обратно. Е тоа успеаја со оваа лоша политика, но ние ќе продолжиме да работиме и со нив, укажувајќи на последиците. Изјавата беше многу лоша, не знам дали ја промислија, но партија која претендира да преземе одговорност, да излезе да каже ’јас не разговарам со никого за ништо друго освен за тоа да станам премиер, министер, заради мојата политичка кариера’, е најлошата порака што можете да ја дадете“
рече Османи.
Вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека Извршниот комитет на партијата донел одлука за прекин на секоја комуникација со Владата, на билатерално ниво. Мицкоски не објасни во детали што значи тоа, но од изјавата може само да се претпостави дека Мицкоски одбива потенцијални идни средби со премиерот Димитар Ковачевски, а останува на маса во пошироки формати, како на пример, лидерски средби на повеќе партии.