Тој порача дека Бледскиот стратешки форум е уште една платформа да се испрати порака дека мора да се направи посуштински исчекор за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ до 2030 година
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е убеден дека процесот за уставните измени во државава ќе заврши успешно во наредните недели и месеци.
„Процесот е започнат, како што гледате целиот свет, и САД и ЕУ, ја поздравија одлуката да го започнеме процесот. Убеден сум дека овој процес ќе заврши успешно во наредните недели и месеци“,
изјави Османи за МИА при учеството на Бледскиот стратешки форум.
Тој порача дека форумот е уште една платформа да се испрати порака дека мора да се направи посуштински исчекор за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ до 2030 година.
„Ова е уште една платформа каде можеме, не само ние, туку и земјите од Западен Балкан да се сретнат со Европската Унија и да ја дадат пораката дека мора да се направи посуштински исчекор во процесот во овој нов геополитички контекст во кој се наоѓа Европа и оти оваа декада мора да биде декада на Западен Балкан. Мислам дека пораките од сите страни се такви, дека до 2030 година Западен Балкан треба да биде дел од ЕУ“,
рече Османи.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел претходно во изјава за МИА рече дека е убеден сум и уверен оти иднината на Северна Македонија е во Европската Унија.
Мишел оцени дека односите меѓу Северна Македонија и ЕУ се одлични и истовремено му честиташе на премиерот Димитар Ковачевски за одлуката за отпочнување на постапката за носењето на уставните измени.