Изјавата на кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ следува откако премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера рече дека не ја исклучува можноста по локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори
Предвремени парламентарни избори ќе има во март или април следната година – изјави кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, коментирајќи ја изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој вчера рече дека не ја исклучува можноста по локалните да има предвремени избори за пратеници.

Според Османи, изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ само го потврдува она што ДУИ и другите опозициски партии го укажувале со месеци – дека актуелната влада е нестабилна и неодржлива.
„Се разбира дека на премиерот веројатно му требаа дополнителни аргументи, коишто сега ги гледа на терен, во односот на тоа што се случува. Ситуацијата е неодржлива, и затоа веќе почна и тој да го спрема теренот. Тоа е всушност тоа што го кажувам јас и ние од почетокот, дека ќе има предвремени парламентарни избори. Ова го кажувам најаргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена“,
изјави Османи.
Додаде дека изборите ќе бидат можност да се избере нова влада со јасен европски и економски фокус.
„Јас ви тврдам дека предвремени парламентарни избори ќе има во март–април и ќе има нова влада која ќе го откочи европскиот процес, ќе го врати соживотот и економскиот просперитет на земјата“,
додаде кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на годинашните локални избори, логично е да се оди и на предвремени парламентарни избори за да се обезбеди уште еден четиригодишен мандат. Но, како што рече, за таа одлука нема да биде водена од политичкиот, туку од интересот на државата.