Покрај решение за дивоградбите, друг приоритет за Османи по изборите ќе биде прогласување вонредна состојба во општината, со цел конечно да се стави ред во хаосот што, како што рече, 20 години ја дави општината

Локалните избори не се само локално прашање, туку момент на ослободување од дваесетгодишната заробеност на Чаир, вели кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи.
Османи во вечерашното гостување на МРТ рече дека затоа и им рекол на граѓаните дека со само едно излегување на гласање, тие ќе постигнат неколку големи победи.
„Најпрво, Чаир ќе се ослободи од заробеноста. Знаете дека Чаир денес е претворен во партиско седиште. Второ, на 19 октомври ќе се предаде власта, кога ќе падне Чаир, ќе падне и најантиевропската и најантиалбанската влада. И трето, ќе пропадне идејата за моноетничка доминација во Чаир и претворањето на Албанците во малцинство тука“,
рече Османи.
Тој говореше и за проблемот со нелегалните градби, укажувајќи дека најголем дел од нив се резултат на системска злоупотреба од страна на општинско раководство.
„Говорам за комерцијални згради на државно земјиште, изградени без комуналии, чии сопственици се луѓе од раководството на општината, регистрирани под други имиња. Тоа се стотици илјади евра што завршиле во приватни џебови“,
изјави Османи и додаде дека има 13 илјади предмети на граѓаните кои чекаат на одлучување, а за кои тие се уценувани пред изборите.
Покрај решение за дивоградбите, друг приоритет за Османи по изборите ќе биде прогласување на вонредна состојба во општината, со цел конечно да се стави ред во хаосот што, како што рече, 20 години ја дави општината.
„Ќе прогласам вонредна состојба за пет критични теми нечистотијата, дивоградбите, недостигот на паркинг-места, корупцијата и безбедноста. Ќе формираме кризни штабови и веднаш ќе започнеме акција“,
најави Османи објаснувајќи дека општината повеќе не смее да се задушува во отпад.
Османи најави и формирање на ново комунално претпријатие за хигиена и системски пристап кон јавната чистота.
„Ќе вработиме 120 луѓе, ќе набавиме цистерни за миење и дезинфекција на улиците“,
вети Османи.
Османи потенцираше дека справувањето со корупцијата ќе биде исто така во приоритетите за кои ќе се залага преку отворање на општината и воведување на максимална транспарентност.
„Ако за сто дена не ја сведам на нула, нема да продолжам понатаму. Чаир ќе биде првата општина каде што тендерите ќе се пренесуваат во живо на интернет-страницата на општината“,
нагласи тој.
Османи упати порака дека Чаир по 19 октомври ќе добие нов почеток: општина на ред, чистота и чесност, општина што повторно ќе им припаѓа на своите граѓани.