Паркинг-просторот за 350 возила што го предвидува проектот, според Османи, ќе ја ослободи целата населба од пренатрупаноста со возила со која се соочува сега, а дополнително ќе ја зголеми и вредноста на имотите на луѓето околу овој простор
Со изградба на плоштад и подземна сообраќајница може да се реши хаосот и блокадите во сообраќајот што секојдневно се создаваат на булеварот „Цветна Димов“ кај комплексот „Чаирчанка“. Ова како решение денеска го најави кандидатот за градоначалник на Чаир на „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Бујар Османи, презентирајќи нов проект во рамките на својата предизбона програма за локалните избори закажани за 19 октомври.

„Дваесет години Чаир живее со раната наречена ‘Чаирчанка’ или булеварот ‘Цветан Димов’, односно оската север-југ на градот Скопје. Тесното грло на Чаир кое секој ден животот на граѓаните, секое утро и секоја вечер го претвора во нервоза, во стрес, во загадување, во доцнење, едноставно ја прави општината нефункционална“,
рече Османи.
Решавањето на овој урбан проблем, додаде тој, е споменуван на секои избори, но, на крај, како што кажа, Османи, сè завршувало со изговорот „ние не можеме ова да го направиме“, „ова не може да се направи“.
Решението што го ветува кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир е изградба на плоштад што ќе го носи името „Лирија“, кој ќе вклучува подземна сообраќајница, паркинг простор за 350 возила и, како што кажа, место за рекреација и дружење.
Изградбата на плоштадот со подземната сообраќајница, Османи ја најави како еден од неговите клучни проекти доколку ја добие довербата на жителите на општина Чаир.
Решението, како што кажа, е дизајнирано во соработка со Мишел Ројкинд, еден од десетте највлијателни архитекти во светот и неговиот тим.
„Тој предвидува едно решение за ‘Чаирчанка’, а кое интегрира три прашања и претвора еден хаос во едно функционално решение кое што ќе биде почеток на заживувањето на срцето на Чаир. А тоа е подземен пат кај ‘Чаирчанка’ со плоштад над, кој ќе ги поврзе двете населби Серава и Гази Баба, што ќе биде мостот на спојување на Чаир и 350 паркинг места под плоштадот“,
рече Османи.
Овој плоштад, додаде тој, ќе биде втор во Чаир после плоштадот „Скендербег“, а неговата изградба ќе овозможи место каде граѓани ќе можат да го поминат денот, да се рекреираат, да разговараат, да се запознаваат еден со друг.
„Меѓутоа ќе овозможи и непречен проток на возилата во правец север-југ, низ тунел кој ќе биде осветлен и функционален 24 часа секој ден“,
рече кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир.
Паркинг-просторот за 350 возила што го предвидува проектот, според Османи, ќе ја ослободи целата населба од пренатрупаноста со возила со која се соочува сега, а дополнително ќе ја зголеми и вредноста на имотите на луѓето околу овој простор.
„Што ќе создаде овој проект? Прво неколкукратно ќе ја зголеми вредноста на имотите. Ќе го намали загадувањето, ќе го редуцира јаглерод диоксидот што се ослободува од возилата при тие постојани блокади што се случуваат на булеварот ‘Цветан Димов’ и едноставно ќе го заживее Чаир во едно централно функционално подрачје“,
рече Османи на денешната прес-конференција.

Дополнително, наведе тој, со овој проект ќе биде предизвикан менталитот наметнат во изминатите 20 години, дека не може да се стори ништо за решавање не само на овој урбанистички проблем, туку и за други прашања.
„Во секој предизвик што сум го презел во мојата политичка кариера, истото ми било кажувано, дека не може тоа да се реши, не може членството во НАТО, не можат да се решатг договорите со соседите, не може да се реши прашањето за употреба на јазиците, меѓутоа секогаш идејата била дека мора да се предизвикаат бариерите коишто ни се наметнати, дека Северна Македонија може многу повеќе и подобро, меѓутоа некој ни наметнал такво ментално ограничување дека ние не можеме подобро. Јас велат дека ние можеме многу повеќе и промената доаѓа на 19 јануари“,
рече Османи.