„Вториот монопол е на претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ“, вели потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, и додава дека идејата е да се кршат етничките табуа и монополи за ниту една етничка група да не е пофаворизирана од друга
Одлуката техничката влада на сто дена пред избори да ја води Талат Џафери е историска поради тоа што по првпат се скршени етничните табуа и монополи, при што ниту една етничка група не е пофаворизирана од друга, вели потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, во изјава за ТВ 21, коментирајќи го изборот на актуелниот собраниски претседател за иден технички премиер.

„Кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, се направи вистински пуч. Но, сега кога е избран по вторпат, веќе не е новост бидејќи е скршен монополот на Албанец да биде претседател на Собранието. Идејата е да се разбијат етничките монополи. Вториот премиер повеќе нема да биде тема“,
вели Османи.
Според Османи, во наредните години земјава ќе го добие и првиот претседател кој ќе биде етнички Албанец.
„Вториот монопол е на претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ“,
додава тој.
Прашан дали ДУИ ќе има свој кандидат на претседателските избори в година, Османи вели дека сè уште не е одлучено и дека се проучуваат сите можности.
„За претседател сè уште ништо не сме одлучиле, дали ќе излеземе со наш кандидат, дали ќе поддржиме консензуален или албански кандидат. Ги проучивме сите опции и го овластивме претседателот на партијата Али Ахмети да води преговори за секоја можна опција“,
додава Османи.
Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера на состанок во партиското седиште го избра Талат Џафери за премиер на техничката влада на сто дена пред изборите, со што премиерската функција во земјава првпат ќе ја врши етнички Албанец.
Тој се заблагодари на номинацијата од матичната ДУИ да биде премиер на техничката влада и рече дека функцијата ќе ја извршува со почит и одговорност.
Изборот на Џафери за технички премиер беше поздравен од владејачкиот СДСМ. Додека од СДСМ сметаат оти Џафери е соодветно и добро решение за извршување на оваа функција, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека „дезертерот Ковачевски ќе биде заменет со нов дезертер“.