Фактот што немаше политичка влада во Бугарија во последните две години беше отежнувачки фактор затоа што немаше политички партнер со кој можевме да се договориме по однос на одредени прашања, вели шефот на дипломатијата

Министерот за надворешни работи Бујар Османи се надева дека по изборите во Бугарија в недела ќе се формира политичка влада со која ќе се продолжи до дијалогот и разговорите за тоа како да се продолжи соработката на сите сектори во општеството.
„Фактот што немаше политичка Влада во Бугарија во последните две години беше отежнувачки фактор затоа што немаше политички партнер со кој можевме да се договориме по однос на одредени прашања, а во услови кога нема политичка влада тогаш обично конзервативни и радикални елементи во општеството го диктираат наративот. Тоа, за жал, ни се случи нам и токму тие конзервативни и радикални елементи ги киднапираа тие односи“,
рече Османи денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Претстојните парламентарни избори во Бугарија се петти во последните две години. Речиси цел овој период, со исклучок на шесте месеци во кои премиер беше Кирил Петков, со земјата управуваа технички влади што ги назначува претседателот Румен Радев.